На вчерашната 32. седница, Советот на Општина Гевгелија
ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година. Согласно измените и дополнувањата на Буџетот, Советот ги усвои и Програмите за измена и дополнување на Програмата за уредување на градежното земјиште во Општина Гевгелија и Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските улици и патишта за 2023 година. Со мнозинство гласови, Советот на Општина Гевгелија ги уврди цени за зонското паркирање во општина Гевгелија во рамки на измените и дополнувањата на Одлуката за определување зони за зонско паркирање на подрачјето на град Гевгелија.
Покрај овие акти, се дискутираше и по Измените и дополнувањата на Финансовите планови на образовните и културните институции и детската градинка. Исто така, по предлог на Градоначалникот на општина Гевгелија, беше донесена Одлука за одобрување финансиски средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, за вработени во ТППЕ- Гевгелија, со којашто на четирите пожарникари кои учествуваа во спасувачката мисија по земјторесот во Турција ќе им се исплатат по 30.000 денари како награда за нивниот подвиг. Како и Одлука за доделување просторија на времено користење во период од 10 години без надоместок, којашто се наоѓа во Пионерски дом- Гевгелија на Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија. Од областа на урбанистичкото работење, беа донесени Одлуки и прифатени иницијативи на баратели за носење на Урбанистички планови и изработка на урбанистички проекти. Пред Советот, од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија беше изнесена информација за состојбата со изграденоста на архитектонските бариери за лица со посебни потреби во општина Гевгелија.