На 8 април, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, беше промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ од политикологот и новинар, Кире Јанишлиев. За статиите објавувани во весникот „Нова Македонија“, а сега издадени и во книга, осврт дадоа професорот по македонски јазик и литература и новинар Тони Аврамов и поранешниот директор на НУ Музеј- Гевгелија и кустос советник, Бобан Хусеновски.
– Оваа книга, истакна Аврамов, не е само читанка за Гевгелија, туку таа, во некои текстови, ја надминува голата информација и навлегува во книжевни експресии кои ја доловуваат сликата на едно минато и на еден град низ колоритното раскажување на неговите граѓани. Книгата „Гевгелија-порта кон Европа“ е оригинален, но и автентичен документ кој има трајни вредности за овој град. Барем од она што сум го читал и следел од роднокрајното издаваштво, вакво дело првпат среќаваме- истакна Аврамов.
– Вести, проширени информации, хроники, репортажи од градот и за градот им беа презентирани на читателите низ Македонија. Низ еден широк опсег, преку текстовите на Јанишлиев заинтересираните дознаваа за настани уште од постанокот на Гевгелија и на нејзината околината до годините на нашето совремие. Низ новински текстови, Кире ја напиша безмалку целата историја на својот роден град. Една од посебните рубрики по кои Јанишлиев ќе биде запомнат во аналите на македонското новинарство е туризмот. Неговите текстови беа практичен туристички дневен водич за македонските посетители на бреговите на Егејското Море- истакна Хусеновски.
Кон присутните се обрати и авторот Кире Јанишлиев:
– За време на мојата петдецениска новинарска кариера, пишував, истражував и коментирав за мојата родна Гевгелија, за сите случувања, кои низ годините придонесоа овој град да стане привлечно место за живеење. Секогаш раководен од новинарскиот предизвик – да се открива непознатото и да се афирмира познатото. Доколку дел од овие приказни за луѓе, настани и воопшто случувања во Гевгелија ве потсетат или, пак, ви овозможат да откриете многу повеќе или нешто непознато за овој град, тогаш оваа книга ја оправдува својата цел, упатувајќи благодарност до Општина Гевгелија и до општествено-одговорни компании коишто помогнаа „Гевгелија порта кон Европа“ да излезе од печат.
Извадоци од книгата читаше Петар Јанчев, професор по македонски јазик и литература и вработен во Општина Гевгелија. Гевгелија. Модератор беше Сара Јанишлиева. Промоцијата беше збогатена со настапи на младите пијанисти Нина Петкова, Благоја Стоев и Вангел Марков, сите ученици од ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, во класата на професор. Александар Лазаров.










