Со поетско-музичката манифестација „Изворник“ продолжува мајската програма во рамките на „Гевгелија град на култура 2025“. Во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ – Гевгелија, утре (13 мај 2025 година), со почеток во 19:00 часот, во дворот на Пионерскиот дом, ќе се одржи поетско-музичката вечер „Изворник“.
На „Изворник“, со поезија од и во чест на роднокрајниот автор Илија Карајанов, ќе се претстават дечињата од Драмската секција, а ќе настапат и членовите на Секцијата за гитара и Детскиот хор „Божилак“, кои заеднички ќе подарат вечер исполнета со емоција, музика и збор. Овој настан претставува мултимедијален спој и презентација на работата и трудот на младите таленти што уметнички растат под менторство на Катиџа Џишева Дупарова, Костадин Динев и Илија Атанасов.
Настанот е отворен за јавноста, а сите љубители на уметноста, семејства и пријатели се поканети да присуствуваат и да им дадат поддршка на младите уметници во нивниот израз.
