Вечерва (15 јули 2024 година), започнува Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“. И годинава, на мултифункционалното спортско игралиште кај ДТВ „Партизан“, во организација на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија ќе бидат одиграни натпреварите во мал фудбал, во чест на гевгелиската голманска и тренерска легенда, Никола Гелебешев. Силите ќе си ги одмерат пријавените 27 екипи во 6 категории: Генерација 2005/2008, Генерација 2009/2010, Генерација 2011/2012, Генерација 2013/2014, Генерација 2015/2016 и Генерација 2017.
Првиот ден од Турнирот ќе биде одбележан со ревијален натпревар помеѓу две екипи во состав на поранешни играчи кои биле тренирани од Никола Гелебешев, со почеток во 21:00 часот. А, потоа следуваат натпреварите помеѓу „Скара Бар Тире“ : „Маркет Го-Да Чонов Микро“ и „ЛПФ КАБРЕЛА“ : „Екстра Фруит“.
Организаторите го изразија своето задоволство што и годинава младите таленти од Гевгелија и околината ќе се растрчаат на спортското игралиште „Партизан“ во чест на никогаш заборавениот Никола Гелебешев. Меморијалниот турнир е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2024 година.