На 23 мај 2026 година, платото пред Народен театар – Гевгелија беше исполнето со младинска енергија, креативност и позитивна атмосфера, каде се одржа второто издание на настанот „Младински бран Vol. 2“, во организација на Локалниот младински совет, а со поддршка на Европската Унија и Општина Гевгелија.
Настанот обедини млади луѓе, уметници, музичари, едукатори и успешни поединци од Гевгелија, создавајќи простор за дружење, размена на идеи, стекнување нови знаења и меѓусебна инспирација. Преку богатата и разновидна програма, „Младински бран Vol. 2“ уште еднаш потврди дека младите се важен двигател на позитивни промени во локалната заедница.
Во музичкиот и уметничкиот дел од програмата настапија Теодора Гошева Капсарова и Димитар Ангов, Ања Поп-Костова, Ангела Зафирова, Слободанка Арнаудова и „Ситуација бенд“, кои со своите настапи создадоа одлична атмосфера и ја збогатија вечерта со музика, емоции и креативен израз. Свои уметнички дела создаваа и презентираа во живо младите уметници Марија Џинова, Теодора Ставрова и Михаела Ризова, кои преку сликање на самиот настан внесоа дополнителна креативност и визуелна динамика во целокупната атмосфера. Нивниот креативен процес пред публиката привлече големо внимание кај посетителите и овозможи уметноста да стане непосреден дел од младинската приказна што се создаваше за време на настанот. Книжевен белег на настанот му даде и Мила Денчиќ од Друштвото на писатели од Куманово.
Посебен акцент беше ставен на едукативниот сегмент, преку интерактивни сесии посветени на развојот на меки вештини, претприемништво, старт-ап идеи и иновации. Со своите искуства и знаења пред младите говореа проф. д-р Вера Бошковска од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Стефанија Богдановска од СОС Детско село и Кристијан Алчинов од „Апитоксин“- Гевгелија. Нивните презентации отворија нови перспективи и ги охрабрија младите активно да размислуваат за сопствениот професионален и личен развој.
Инспиративен дел од програмата беа и обраќањата на успешни млади луѓе од општина Гевгелија – Атанас Епов, Мартин Бојмалиев, Љубица Гребенакова и Бруно Алчинов, кои преку лични приказни и искуства испратија силни пораки за упорноста, мотивацијата и вербата во сопствените способности.
Просторот пред театарот беше исполнет со позитивна атмосфера, нови познанства, вмрежување и инспиративни разговори, а младите имаа можност да се поврзат, да споделат идеи и да создадат нови иницијативи за идни активности во заедницата.
Со свое присуство поддршка на настанот дадоа Карин и Карл Мек Вилијамс – волонтери на Американскиот мировен корпус во Република Северна Македонија, кои престојуваат во Гевгелија, како и претседателката на Советот на Општина Гевгелија, Анета Стамкова.
„Младински бран Vol. 2“ уште еднаш ја потврди важноста од создавање простор каде младите можат слободно да ја изразат својата креативност, идеи и потенцијал, но и да бидат активен дел од општествените процеси и развојот на локалната заедница.

















































































