На 4 ноември 2025 година, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа поетско-музичката вечер „Пееме за Гевгелија“, со која започна културно-свеченото одбележување на Општинскиот празник – 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија. Настанот, во организација на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и во соработка со Ансамблот за традиционални игри и песни „Бојмија“- Гевгелија, кој е дел и од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, ги обедини младите таленти од Училиштето и локалната културна сцена, презентирајќи богатство на македонската уметничка традиција.
Присутните беа сведоци на внимателно конципирана програма која ги спои поезијата, музиката и движењето. Настанот ја истакна македонската литература и богатото културно наследство во сите нивни форми. Настанот започна со изворна песна во изведба на женската вокална група на Ансамбл „Бојмија“. Народната поезија беше претставена преку рецитации и песни како „Еј девојче убаво“, „Дотекла вода студена“ и „Заспала мома крај море“, како и сценско-уметнички изведби на народните песни „Не се бели Маре мори“ и „Шеќерна“. Беше изведена и кореографијата „Соло седенка“, повторно од членови на „Бојмија“- Гевгелија. Современата поезија беше застапена преку рецитацијата на Коле Неделковски „Младост попарена“ и рецитациите на „Убавите жени“ од Блаже Конески и „Проштално“ од Никола Вапцаров. Дополнително, со прекрасниот глас на Ања Поп-Костова беа изведени „Две лири“ и „Среќна песна, тажна љубов“.
Вечерта беше збогатена со кратки видеа кои ја прикажаа Гевгелија низ времето- нејзиното минато и сегашност, при што текстот во видеата се изнесуваше со моќниот глас на професорката по македонски јазик и литература, Александра Ќаева, пренесувајќи ја љубовта кон родниот град и создавајќи јасна контрастна слика на традиционалното и современото.
Во вечерта учествуваа голем број млади изведувачи: Костадин Узунов, Јована Дупарова, Ристо Шуклев, Катерина Јовановска, Марија Илкова, Ана Кундурџиева, Сара Јанишлиева, Јована Стојанова, Ана Милевски, Ивана Гавровска, Розета Миовска, Андреј Кокалов, Мила Зајков, Димитар Стојчевски, Андреј Димов, Бранко Проданов, Весна Папучиева, Душко Чурлинов, Јован Грозданов, Ања Поп-Костова, Јован Јовановски, Мартин Илиев, Андреа Проданов, Бојан Јованов и Матеј Аврамов.
Режијата и сценариото се на професорката м-р Даниела Џишева, техничката обработка ја обезбеди професорот Тони Аврамов, а музичката поддршка ја понуди професорот м-р Илија Атанасов.
Овој настан, како дел од одбележувањето на Општинскиот празник и програмата „Гевгелија град на културата 2025“, го истакна значењето на културното учество на младите и нивната улога во зачувувањето и промовирањето на локалниот културен идентитет. Поетско-музичката вечер не само што ја збогати празничната програма туку и ја потенцираше важноста на уметничкиот израз како средство за поврзување на традицијата со современите форми на култура и уметност во Гевгелија преку личен израз на талентите.





























