Со чекори што ги надминаа границите, со натпреварувачки дух што не познава разлики и со спортска енергија што ја обедини Гевгелија, се одржа 6. издание на „November Run Gevgelija 2026“, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија. Градот повторно беше домаќин на атлетски настан со меѓународен карактер, кој собра околу 1.500 љубители на трчањето од Македонија и од странство, претворајќи ги градските улици во спортска патека на издржливост и упорност.
Меѓународната димензија на годинешното издание ја потврди учеството на атлетичари од 22 држави, меѓу кои Кенија, Еритреја, САД, Украина, Финска, Шведска, Франција, Италија, Грција, Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Чешка..
И покрај дождливото време, кое им наметна дополнителен предизвик на натпреварувачите, трките се одвиваа во вистински спортски дух. Неповолните временски услови не ја намалија мотивираноста на учесниците, ниту ентузијазмот на оние кои ги бодреа покрај патеката. Напротив, истрајноста и желбата за добар резултат уште еднаш покажаа дека спортскиот дух е посилен од временските предизвици.
Натпреварувачите се соочија со предизвиците на патеките од 5 и 10 километри, во машка и женска конкуренција, а постигнатите времиња донесоа силна конкуренција и одлични спортски резултати.
На трката на 5 километри, во женска конкуренција, најбрза беше Loise Wambua KIARIE од Кенија, членка на Bendek Team, со време од 16:36 минути. Второто место го освои Mejra Mehmedovich од Србија со 17:46 минути, а третото Дарија Крстевска од АК „Олимп“, со време од 18:34 минути.
Во машка конкуренција, победник беше Raphael Gacheru KARITA од Кенија (Bendek Team), кој ја заврши трката за 14:37 минути. Второпласиран беше Урош Гутиќ од Босна и Херцеговина (АК „Инвиктус Пале“), со 15:48 минути, а трет Muxhahid Mislimi од „Uskana“, со време од 15:52 минути.
Во екипната конкуренција на 5 километри, кај жените, првото место го освои АК „Олимп“ со вкупно време од 01:21:29 часот. Второто место му припадна на гевгелискиот АК „7 Ноември“, чија екипа во состав: Ана Бегова, Ана Марија Митрова, Камелија Србова и Цеца Србова, оствари вкупно време од 01:41:55 часот. Третопласирана беше екипата на Meridian Atletik Club Kavadarci со 01:56:37 часот.
Во машка екипна конкуренција на 5 километри, најуспешна беше „Uskana“ со време од 01:09:13 часот, пред АК „Олимп“ со 01:10:13 часот и АК „Скопски маратон“ со 01:10:37 часот.
На подолгата патека од 10 километри, во женска конкуренција, победата ја однесе Valentine JEBET од Кенија (Bendek Team), со време од 32:28 минути. Втора беше нејзината сонародничка и клупска колешка Jecinta Mwende KAMAU, со 33:58 минути, додека третото место го освои Gresa Bakraqi од Косово, членка на АК „Олимп“, со време од 36:36 минути.
Во машка конкуренција, најбрз беше Elzan Bibic од Србија (NIKE), кој постигна време од 28:45 минути. Само четири секунди подоцна на целта пристигна EMIL MILLÁN DE LA OLIVA од Шведска, со време од 28:49 минути, додека третото место го освои Seare Weldezghi од Еритреја со 29:45 минути.
Во женската екипна конкуренција на 10 километри, првото место го освои АК „Олимп“ со 02:46:37 часот, второто AC Atomic со 03:05:05 часот, а третото место му припадна на гевгелискиот АК „7 Ноември“, со вкупно време од 03:07:51 часот. За гевгелискиот клуб настапија Викторија Тодоровска, Каролина Миличинска, Надица Боева и Дона Гетева.
Во машка екипна конкуренција на 10 километри, првото место го освои АК „Борец“ од Велес со 02:35:01 часот. Втор беше AKKA RUN CLUB со 02:40:28 часот, а трет АК „Беласица Ран“ со 02:50:16 часот.
Посебно внимание заслужува настапот на гевгелиските атлетичарки од АК „7 Ноември“, кои освоија второ место во женска екипна конкуренција на 5 километри и трето место на 10 километри, со што достојно ја претставија Гевгелија. На патеките настапија и бројни други домашни натпреварувачи, кои со своето учество придонесоа за спортската атмосфера и за афирмацијата на атлетиката во локалната заедница.
Годинешното издание донесе и значајни рекордни достигнувања. Elzan Bibic го собори националниот рекорд на Србија, а воедно го изедначи и сопствениот резултат постигнат минатата година во Гевгелија. Дополнително, на патеките од 10 и 5 километри, во машка и женска конкуренција, беа поставени нови рекорди на патеката, како и младински рекорд на трката на 5 километри во женска конкуренција, кој го постигна Дарија Крстевска од Атлетскиот клуб „Олимп“.
Со меѓународното учество, постигнатите резултати, рекордните достигнувања и настапите на домашните атлетски клубови, „November Run Gevgelija 2026“ уште еднаш ја потврди улогата на спортот како простор за поврзување, надминување на личните граници и градење пријателства.
Гевгелија испрати порака дека трчањето не е само натпревар со времето и километражата, туку и можност за заедништво, активен живот и афирмација на градот преку спортот.


















































































