Денот на пожарникарите во Гевгелија беше одбележан со презентација на резултатите од успешната меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Гевгелија и Општина Богданци за Проектот „Меѓуопштинска соработка за безбедни заедници“. На настанот присуствуваа претставници од Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и градоначалниците на општина Гевгелија и општина Богданци, претставници од ТППЕ-Гевгелија и други институции и организации.
Настанот претставуваше можност за институциите и јавноста одблиску да се запознаат со придобивките од оваа меѓуопштинска соработка, која значајно придонесува за унапредување на противпожарната заштита и зголемување на безбедноста на граѓаните. Во рамки на Проектот, Територијалната противпожарна единица-Гевгелија доби 11 нови комплети за заштита при урбани пожари, со што значително се подобрува безбедноста и подготвеноста на пожарникарите при интервенции на терен. Дополнително, набавена е нова противпожарна опрема и високостандардни заштитни униформи, а развиена е и современа дигитална алатка за побрза и поефикасна координација при итни случаи.
Како дел од активностите, изработена е нова информативна веб-страница за ТППЕ- Гевгелија, со цел подобра комуникација со јавноста и навремено информирање на граѓаните. Реализирани се и едукативни обуки за средношколци, насочени кон подигнување на свеста за превенција од пожари и безбедно постапување во ризични ситуации.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека ваквите примери покажуваат како преку здружување ресурси и партнерство меѓу општините се создаваат поефикасни и поодржливи системи за заштита. Притоа, беше нагласено дека Општина Гевгелија ќе продолжи активно да аплицира на домашни и меѓународни фондови и повици, со цел обезбедување нови проекти, современа опрема и дополнителни ресурси за подобрување на услугите за граѓаните.
Оваа активност уште еднаш ја потврди важноста на вложувањето во противпожарната заштита, особено во услови на сè почести климатски промени и зголемен ризик од пожари и други вонредни состојби.
Овој проект на двете општини се реализира преку поширокиот Проект „Општините како двигатели на одржливиот развој“, имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Министерството за локална самоуправа, а финансирана од Бирото за регионален развој, со кофинансирање од двете општини.




































