Во духот на одбележувањето на празникот Вознесение Христово- Спасовден, заштитникот на градот Гевгелија, и оваа година се реализираше богата и разновидна културно-празнична програма, која понуди повеќе настани и содржини за сите генерации и привлече голем број граѓани и посетители.
Во рамки на централната вечерна програма (20 мај 2026 година), на Градскиот плоштад, прв настапи Танцовото студио „Мистик“, кое се претстави со повеќе формации и групи составени од различни возрасни категории. На сцената беа изведени разновидни кореографии, инспирирани од современи и сценски танцови стилови, како и соло настапи на дел од членовите, преку кои беше прикажана нивната индивидуална изразност, техничка подготвеност и љубов кон танцот. Настапот на „Мистик“ внесе динамика и свечен тон во почетокот на вечерта, а публиката со внимание ја проследи целата програма и ја награди со силен аплауз.
По нивниот настап, следуваше Концертот на гевгелиската музичка група „Панта Реи“, која приреди енергична, емотивна и разновидна музичка вечер. Бендот, составен од локални музичари со долгогодишно сценско искуство, се претстави со внимателно одбран репертоар од народна и забавна музика, изведен во живо и збогатен со современи аранжмани. Нивната препознатлива сценска комуникација со публиката уште еднаш дојде до израз, при што посетителите активно учествуваа, пееја заедно со изведувачите и создадоа силна празнична атмосфера на Градскиот плоштад. Концертот помина во позитивна енергија и заедништво, претворајќи ја вечерта во вистинска музичка прослава на празникот.
Претходната вечер (19 мај 2026 година), во рамки на празничната програма, во Народниот театар- Гевгелија се одржа традиционалната манифестација „Распеана чаршија“, која со години претставува еден од најпрепознатливите културни настани во чест на Спасовден. Настанот започна со свечено дефиле на учесниците, во кое учествуваа ансамбли, вокални групи и музички состави од Гевгелија и поширокиот регион, кои со своето појавување ја најавија вечерта посветена на староградската песна и музика.
На сцената беа изведени автентични староградски мелодии и песни, кои го оживеаја духот на традицијата и потсетија на богатото музичко наследство на регионот.
„Распеана чаршија“ и оваа година ја потврди својата улога како манифестација што ги обединува генерациите и ја чува традицијата на староградската песна.
Со ваквата богата и разновидна програма, Општина Гевгелија и оваа година свечено, достоинствено и со силен културен дух го одбележа својот патрон празник Спасовден, нудејќи содржини кои ја збогатуваат културната сцена, ја негуваат традицијата и го поттикнуваат заедништвото меѓу граѓаните.


























