Со присуство на партнерите и увид во реализацијата на Проектот, беше означено завршувањето на реконструкцијата и адаптацијата на просторија во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. На површина од 200 метри квадратни е уреден современ мултифункционален конференциски и едукативен центар, со што се создаваат подобри услови за одржување седници, обуки, работилници, презентации и други едукативни активности од интерес за локалната заедница.
Со реконструкцијата се опфатени повеќе градежни и технички зафати за подобрување на функционалноста и условите за користење на просторот. Извршени се молерофарбарски работи, заменета е внатрешната и надворешната столарија, уреден е нов кујнски простор и поставено е ново осветлување. Просторот е опремен со современ мебел, инвертерски клима-уреди за ладење и греење, како и техничка опрема за презентации.
Проектот е резултат на прекуграничната соработка со Република Грција, во рамки на Програмата „Green for Good – G4G“, преку која во Општина Гевгелија се предвидени и дополнителни инвестиции насочени кон енергетската ефикасност и примената на обновливите извори на енергија.
Во рамки на Програмата е предвидено поставување два полначи за електрични возила, како и инсталирање фотоволтаичен систем во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Со реализацијата на овие активности ќе се овозможи користење електрична енергија од обновливи извори и ќе се придонесе за намалување на потрошувачката на електрична енергија во јавните установи.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по повод завршувањето на Проектот, истакна:
– Продолжуваме со искористување на можностите за финансирање преку различни програми и фондови, со цел реализација на проекти и создавање подобри услови во општина Гевгелија.































