За одбележување на Општинскиот празник- 7 Ноември, Ден на ослободувањето на Гевгелија и во рамки на програмата за „Гевгелија град на култура за 2025 година“, на 6 ноември ќе гостува НУ Театар- Куманово со претставата „Разбуди се Тина“. Претставата ќе се одигра на сцената во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. Организацијата е на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, а влезот е бесплатен. Режијата е на Драгана Таневска, а во претставата играат: Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски, Владанка Крстевски , Мишо Димитријевски, Александра Михајловска Величковски, Сања Русеска, Владо Дојчиноски, Анастасија Трајковиќ. Сценограф е Крсто Богојевски, костимограф Дарко Илиевски. Драматург е Симона Тоскиќ.
– Еден среќен брак доаѓа во состојба на искушение, поради потребата на партнерот да влезе во светот на непознатото поради забава со другарите, кога Тина заспива- открива дел од сценариото, режисерката Таневска.
Драматургот Тоскиќ за претставата вели:
– Oва е претстава која без сомнение ќе изнуди солзи од смеење. Актерите Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски и Владанка Крстевски кажаа дека претставата е најдобрата изработена комедија во последниве десет години. За нив, претставата е комедија на ситуации, нималку не е монотона.
Претставата ветува вечер полна со смеење, емотивни моменти и незаборавни сценски ситуации, кои ќе ја освежат атмосферата во Народниот театар и ќе донесат насмевки на сите присутни.




