Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, од првично утврдениот износ од 887.172.293 денари, е зголемен за 83.586.983 денари, со што вкупниот Буџет изнесува 970.759.276 денари. Измените и дополнувањата на Буџетот беа усвоени на последната 10. седница на Советот на Општина Гевгелија. Зголемувањето на Буџетот за 2026 година е резултат на растот на приходите на Основниот буџет за 66.735.683 денари, преку трансфери од други нивоа на власт.
Буџетот на дотации е зголемен за 15.849.961 денар, по основ на трансфер од други нивоа на власт, односно пренесен вишок од претходната година. Буџетот на самофинансирачките активности е зголемен за 76.329 денари, како резултат на пренесен вишок од претходната година во износ од 56.708 денари и зголемување на таксите и надоместоците во износ од 19.621 денар. За 1.563.788 денари е зголемена и ставката донации од странство.
Со измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, капиталните приходи во вкупната структура учествуваат со 28.650.000 денари или 2,95%, додека капиталните расходи изнесуваат 293.078.465 денари или 30,19%. Во Основниот буџет, капиталните расходи учествуваат со 254.662.381 денар или 49,64%, што претставува показател за задржување на развојната компонента на Општина Гевгелија и определбата на локалната самоуправа за реализација на капитални инвестиции и инфраструктурен развој.
Во рамки на расправата по Предлог-измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, на седницата на Советот на Општина Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека зголемувањето на буџетот е резултат на зголемените приходи, добрата реализација на капиталните инвестиции и развиената економска активност во општината, при што значителен дел од средствата ќе бидат насочени кон капитални проекти, инфраструктурен развој и поддршка за граѓаните.
– Зголемувањето на Основниот буџет доаѓа како резултат на зголемените приходи по основ на ДДВ од Министерството за финансии. И минатата и оваа година бележиме значителен раст, пред сè поради добрата реализација на буџетот во изминатите три години, високиот процент на реализација на капиталните расходи и развиената стопанска активност на подрачјето на општина Гевгелија. Најголем дел од овие средства се насочуваат кон реализација на капитални проекти и инфраструктурен развој, како и за обезбедување услови за реализација на нови инвестиции и проекти. Зголемување на расходната страна има и кај ставките за стоки и услуги, особено за комунални услуги и греење. Се врши зголемување и на средствата за субвенции и трансфери, од кои 4.000.000 денари се наменети за спорт, а 1.500.000 денари за еднократна помош за лекување, како и средства за Југоисточниот Плански Регион- за проекти што се реализираат преку програмите за прекугранична соработка и за правни спорови- истакна Сарамандов.



