На Градскиот плоштад во Гевгелија, матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“ приредија вистински празник на младоста, радоста и емоциите со изведбата на традиционалниот матурски танц- „Квадрил 2026“.
Во ритамот на музиката, пред голем број граѓани, родители и наставници, матурантите го претворија плоштадот во сцена на младешка енергија и заедничка надеж. Присутните со гордост и емоции се радуваа на моментот кога тие симболично го означија крајот на своето средношколско образование и почетокот на едно ново животно поглавје- исполнето со предизвици, но и со безброј можности.
Овој танцов спектакл го проследи и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Пред започнувањето на танцот, обраќање до нив имаше директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Розета Картова, која им порача да чекорат храбро и со позитивен дух кон новите животни предизвици, носејќи ја со себе гордоста од постигнатото. Таа истакна дека училиштето секогаш ќе остане нивна поддршка и потсетник дека зад себе имаат заедница која верува во нивниот успех и иднина. Исто така, таа упати благодарност до професорите по спорт за нивната посветеност и ангажман во подготовката на матурантите, истакнувајќи дека токму нивната работа придонела за успешната изведба на матурскиот танц и за целокупната свечена атмосфера на настанот.
Градоначалникот Сарамандов упати честитки до матурантите, посакувајќи им многу успех, среќа и остварување на нивните животни соништа, а патот до успехот да им биде секојдневна мотивација и поттик за нови достигнувања.






















































