По повод заштитникот на градот Гевгелија- Св. Спас, започна чествувањето на Светлото Вознесение Христово- Спасовден. На 17 мај 2026 година, свечената програма започна со Концерт на духовна музика, кој понуди возвишена атмосфера исполнета со музична молитва и длабока духовна смиреност. Настанот претставуваше духовно воведување во празничните денови посветени на Спасовден, во кој преку музиката се нагласи длабоката духовна традиција и значењето на празникот.
Пред присутната публика во манастирот „Св. Спас“- Гевгелија настапија Женскиот византиски хор „Св. Теофил Струмички“ од Струмица, Градскиот мешан хор „Гортинија“- од Гевгелија, како и Сара Мејс, која со псалмопеење и изведба на харфа придонесе за особено возвишена и емотивна атмосфера.
На 18 мај 2026 година, во Уметничката галерија „Амам“, беше отворена самостојната изложба на уметникот Александар Мијак, насловена „Љубов“. Настанот се одржа во инспиративна и емотивна атмосфера, предизвикувајќи голем интерес кај љубителите на уметноста.
Изложбата претставува збир од ликовни дела кои преку портрети на познати, успешни и реализирани личности од личниот и професионалниот круг на уметникот, ја пренесуваат неговата лична уметничка визија за љубовта. Секоја слика носи сопствена приказна, но истовремено остава простор за индивидуално доживување и препознавање на универзалната човечка емоција.
Со оваа изложба, Мијак споделува дел од своето животно искуство и препознавање на трајните вредности, оставајќи силен ликовен и емоционален белег преку својот препознатлив авторски израз.
Вечерва (19 мај 2026 година), програмата продолжува со традиционалната манифестација „Распеана чаршија“- вечер на староградска песна и музија, на чие отворање ѝ претходи свечено дефиле на годинешните учесници- ансамбли од Гевгелија и пошироко. Настанот, кој со години претставува дел од празничната програма по повод Спасовден, ќе донесе богата музичка содржина и автентична атмосфера на платото пред Народниот театар- Гевгелија, исполнета со староградски мелодии и дух на традицијата. Манифестацијата започнува во 19:00 часот.






































