Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 12. седница, на којашто беа разгледани неколку предлог-одлуки и информации од значење за локалниот развој, комуналните дејности и услугите за граѓаните. Во рамки на дневниот ред беше донесена Одлуката за обезбедување средства за пред-финансирање на проекти што ги имплементира Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, со што Општина Гевгелија ја потврди својата заложба за поддршка на регионалниот развој и реализација на проекти од значење за локалната заедница.
Советот ја донесе и Одлуката за утврдување потреба од донесување Урбанистичко-планска документација за село Ума, која се однесува на катастарската парцела бр. 1206 во Катастарската општина Ума. На седницата беа презентирани и повеќе информации поврзани со актуелната состојба во различни области од надлежност на локалната самоуправа. Членовите на Советот и јавноста се запознаа со состојбата со постапувањето по барањата за утврдување статус на бесправно изградени објекти на подрачјето на општината, како и со состојбата на јавното осветлување во населените места во општина Гевгелија.
На 12. седница беа разгледани и информации за состојбата со општинскиот линиски превоз и авто-такси превозот на патници, при што беше отворена дискусија за предизвиците и можностите за понатамошно подобрување на транспортните услуги во општината.
Притоа, беше елаборирана и состојбата со занаетчиската дејност во општина Гевгелија, со осврт на актуелните состојби и потребите за поддршка и развој на занаетчиството како значаен сегмент од локалната економија.



