Во двете основни училишта и детските градинки во Гевгелија се одржаа едукативни кампањи за правилно селектирање и рециклирање текстилен отпад, организирани од Општина Гевгелија во соработка со ТЕКСОМАК- колективен постапувач за управување со отпаден текстил.
Преку интерактивни презентации, разговори и едукативни содржини прилагодени за најмладите, децата учеа за важноста од грижата за животната средина и за тоа како секој мал чекор може да придонесе за почиста и поздрава иднина. На интересен и лесно разбирлив начин, тие се запознаа со штетните последици од несовесното фрлање текстилен отпад, но и со можностите за негово правилно одложување и рециклирање.
Посебна радост и внимание кај децата предизвика пријателот-контејнер ХИПО, кој низ игра и дружење им покажа каде треба да завршат: старата облека, перниците, постелнината, јорганите и останатиот непотребен текстил. Токму преку ваквиот пристап, најмладите на едноставен и забавен начин ги усвојуваа основните еколошки навики и ја препознаваа важноста од рециклирањето.
Едукативните активности се реализираат во рамки на договорот што Општина Гевгелија го склучи со ТЕКСОМАК за воспоставување систем за управување со отпаден текстил на подрачјето на општината.
Општина Гевгелија најавува дека во наредниот период вакви едукативни настани ќе продолжат да се реализираат и во населените места во општината, со цел подигнување на јавната свест и создавање еколошка култура кај сите генерации.
Инаку, ТЕКСОМАК ДОО Скопје е основан во 2023 година и поседува дозвола за постапување со текстилен отпад издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Компанијата организира, координира и поддржува активности за селективно собирање, сортирање и рециклирање на текстилен отпад, со цел намалување на неговото влијание врз животната средина и поттикнување на одржливо управување со текстилот.























