Во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година, Буџетот на Општина Гевгелија остварил приходи во вкупен износ од 675.596.517 денари, односно 69,59 % од планираните средства. Истовремено, реализацијата на расходите достигнала 652.628.715 денари, што претставува 67,23 % од вкупно планираниот буџет за 2026 година. Овие податоци се содржани во Kварталниот извештај за извршувањето на општинскиот буџет, усвоен на последната 16. седница на Советот на Општина Гевгелија.
Вкупниот буџет, по усвоените измени и дополнувања, изнесува 970.759.276 денари. Во структурата на остварените приходи најголемо учество имаат трансферите и донациите, со 460.740.055 денари, односно 68,20 % од вкупните приходи. Даночните приходи изнесуваат 152.606.348 денари или 22,59 %, капиталните приходи 50.082.601 денар или 7,41 %, а неданочните приходи 12.167.513 денари или 1,80 %.
Во рамките на Основниот буџет, од планираните 513.025.237 денари, во анализираниот период, се остварени приходи од 398.787.349 денари што претставува 77,73 % од планираниот износ. Даночните приходи достигнале 152.606.348 денари, неданочните приходи 2.656.192 денари, капиталните приходи 50.082.601 денар, а трансферите и донациите 154.442.587 денари.
На расходната страна, од вкупно реализираните 652.628.715 денари, за капитални расходи се издвоени 170.264.181 денар, односно 26,09 % од вкупните реализирани расходи.
Кај Основниот буџет, реализацијата на расходите изнесува 359.787.728 денари, односно 70,13 % од планираните 513.025.237 денари. Од овој износ, 159.633.527 денари се наменети за капитални расходи, што претставува 44,37 % од вкупните реализирани расходи на Основниот буџет.
Кварталниот извештај ја прикажува и состојбата со неизмирените обврски на Општина Гевгелија. Заклучно со 30 септември 2026 година, обврските за добиени фактури и ситуации што не биле исплатени, изнесуваат вкупно 33.893.717 денари.
Во истиот период, нераспределените средства за пренос во наредниот период изнесуваат 22.967.802 денари. Од нив, 20.502.877 денари се однесуваат на блок-дотации, а 2.464.925 денари на донации. Со усвојувањето на Кварталниот извештај, Советот на Општина Гевгелија ја разгледа реализацијата на приходите и расходите во првите девет месеци од годината, како и состојбата со неизмирените обврски и средствата што се пренесуваат во наредниот период. Свој осврт кон Кварталниот извештај за периодот 1 јануари – 30 септември 2026 година, даде и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– И во проценти и во суми, се забележува значително добра реализација на расходната страна. Во овој квартал, веќе се завршени обрвските за 2026 година по кредитите за водоводниот систем, доградбата на училниците во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и за Западниот булевар. Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, во извештајниот период се реализирани или веќе се започнати повеќе проекти, меѓу кои рестарвацијата со партерно уредување на Старата чаршија, реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ на потегот од Градската библиотека до Железничката станица, опремување на спортската сала ДТВ „Партизан“, изградбата на улиците „Новопланирана 7“, „Галиео Галилеј“ во населбата „Караорман“, реконструкцијата на улицата „Петар Мусев“ со нова пешачка патека и атмосферска канализација.
Завршени се и реконструкција на влезната улица во Моин, асфалтирање на улицата „Караорман“, реконструкција и асфалтирање и поставување атмосферска канализација на улицата „Ванчо Прке“ и асфалтирање на улици и краци во населеното место Милетково. ѓ
Во Гевгелија е изградена нова водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација на улиците „Кожуф“, „Ристо Јанев“ и „Караорман“. Завршена е и изградбата на нова фекална и атмосферска канализација на улицата „Леонид Јанков“, како и изградбата на нова водоводна мрежа и атмосферска канализациона мрежа на улиците „Миле Пецанов“ и „Панче Пешев“. Завршена е и новата атмосферска канализација на улицата „Кукушка“.
Во Мрзенци е изградена водоводна мрежа и фекална канализација на улицата „Александар Бел“. Во Давидово е изграден потпорниот ѕид на реката, а бетонирана е и улицата покрај потпорниот ѕид.
Во делот на уредувањето на јавните простори, изградено е ново детско катче кај станбениот комплекс на булевар „Гевгелија“. Завршени се и уредувањето на просторот и поставувањето урбана опрема кај Македонска пошта – Гевгелија, партерното уредување кај Детската градинка „Сончогледи“, како и изградбата на ново детско катче во Миравци.
Во УБ5 – Касарна е уредено ново детско катче, а во Негорци е изградена нова пешачка патека. Завршен е и урбаниот парк со ново детско катче.
Во образовните установи се реализирани повеќе активности. Поставени се нови клими во ООУ „Климент Охридски“- Миравци, а во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци поставени се нова подна подлога во две училници и клими. Во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија поставени се 23 инвертер-клими, извршено е молерисување на целата училишна зграда, а реконструирани се и тоалетите и соблекувалните. Во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија е набавена нова опрема во кабинетот по информатика. Во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија опремени се два нови кабинети за средно стручно образование, а во тек е и реконструкцијата на кровната површина.
Исто така, во рамките на прекуграничната соработка со Република Бугарија и Република Грција се реализираат повеќе проекти. Во завршна фаза е реконструкцијата на Старото училиште во Серменин, додека изградбата на новиот парк кај Сува Река, на површина од 20.000 метри квадратни, е во почетна фаза. Овие проекти се реализираат во соработка со Република Бугарија.
Од проектите за прекугранична соработка со Република Грција, веќе е завршена реконструкцијата на просторијата и опремена е новата конференциска сала во Пионерски дом – Гевгелија. Завршени се или се во завршна фаза и другите проекти во соработка со Република Грција: електрично возило за лица со попреченост, две пристапни рампи, еден полнач за електрични возила и фотоволтаичен систем во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Во рамките на овие проекти е обезбедено и целосно опремено амбулантно возило за потребите на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, како и еден дефибрилатор, еден полуавтоматски дефибрилатор и еден ЕКГ-апарат.
Со оглед на тоа што имаме добра реализација и на приходната страна, од 77%, веќе го исполнивме едниот услов, перформанс, кој ќе ни овозможи во април, наредната година, да имаме зголемување по однос на ДДВ што ќе придонесе за дополнителни средства во општинскиот буџет и можност за реализација на нови проекти во интерес на граѓаните- истакна градоначалникот Сарамандов.


