Во населбата „Караорман“ течат радежните активности за пробивање и изградба на улицата „Галилео Галилеј“, со вкупна должина од 850 метри. На терен, увид изврши градоначалникот на ипштина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој се запозна со текот на реализацијата на овој инфраструктурен зафат.
Пред започнувањето на изградбата на улицата, беше поставена нова водоводна линија и изградена нова фекална канализација. Со реализацијата на овие комунални инфраструктурни зафати се создадоа предуслови за уредување на просторот и изградба на улицата, со што ќе се овозможи соодветно инфраструктурно опслужување на овој дел од населбата.
Во првата фаза, предвидено е да се завршат сите градежни работи на улицата, по што, по реализацијата на потребните индивидуални приклучоци, ќе се пристапи кон асфалтирање, со цел да се обезбедат услови за непречено користење на изградената инфраструктура.
– Оваа улица е последната од прстенот во овој урбан блок и со нејзината изградба ќе овозможиме услови за развој и реализација на планираните индивидуални станбени објекти, како и подобар пристап во овој дел од населбата. Продолжуваме со подобрување на патната и комуналната инфраструктура и создавање подобри услови за секојдневно функционирање на нашите сограѓани- истакна градоначалникот Сарамандов.
Со оформувањето на уличната мрежа во „Караорман“ ќе се подобри пристапноста до парцелите предвидени за индивидуално домување, а жителите ќе добијат услови за полесно движење и поврзување со останатите улици во населбата.






















