Утрешната програма (25 септември 2025 година) за „Гевгелија град на култура за 2025 година“ продолжува со отворање на Изложба на скулптури од вонр. проф. д-р Слободан Милошески, насловена „Реконфигурација“. Во оранизација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“-Гевгелија и во соработка со НУ Музеј- Гевгелија, изложбата е поставена во Уметничката галерија „Амам“, а отворањето ќе започне во 20:00 часот. Станува збор за дела, изведени во инокс со мазна полирана површина и флуидни облици, го предизвикуваат вниманието на гледачот преку својата визуелна атрактивност и минималистичкиот концепт што доминира во поновата фаза на авторот.
– „Реконфигурација“ е изложбена поставка на скулптури на авторот Слободан Милошески, која ја истражува врската помеѓу формата, светлината и човечката перцепција. Скулптурите се составени од огледални фрагменти кои ја прекршуваат светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ. Така, секој фрагмент одразува различен аспект од идентитетот на гледачот, при што делото станува огледало на личноста и симбол на саморефлексија. Овој принцип овозможува повеќеслојно искуство- од визуелни оптички ефекти до активирање на меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. Распоредот на елементите во скулптурата е внимателно дизајниран, постигнувајќи хармоничен баланс помеѓу просторот и формата. Композицијата го повикува набљудувачот да се движи околу делото, при што се создава постојан дијалог меѓу уметничкото дело и гледачот. „Реконфигурација“ е технички умешна и концептуално богата изложба која истовремено ангажира на интелектуално и на емоционално ниво. Таа ја поттикнува интроспекцијата, го отвора прашањето за природата на идентитетот и ја докажува уметничката способност на Милошески да претвора комплексни идеи во визуелни дела кои инспирираат контемплација- вели проф. д-р Џемил Бектовиќ, историчар на уметноста.
Слободан Милошески е роден на 2 мај 1977 година во Охрид, Република Северна Македонија. Дипломира на Факултетот за физичка култура (2001), а потоа и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек Вајарство (2009), каде што магистрира во 2011 година. Докторира на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија, на Катедрата за скулптура (2018). Работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, а од 2025 година е декан на истата. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2009 година.
До денес има реализирано над 40 самостојни изложби во земјата и странство, меѓу кои во: Скопје, Велес, Прилеп, Битола, Штип, Берлин, Њујорк, Софија, Загреб, Сараево, Истанбул и други. Учествувал на повеќе од 100 групни изложби, ликовни колонии и симпозиуми. Добитник е на 16 награди, вклучувајќи ја наградата за скулптура „Јордан Грабул“ (2012, 2015), „Димо Тодоровски“ (2014), „Боро Митриќески“ (2021) и „Адем Касатрати“ (2021). Реализирал бројни монументални скулптури во јавен простор, меѓу кои скулптури на Живко Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, како и спомен-обележја и дела поставени во Скопје, во објекти како МНР, Младински културен центар и „Стар театар“.
