Во Општина Гевгелија, успешно започна новата учебна година во сите основни училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Во духот на традицијата, првиот ден од септември донесе многу возбуда, насмевки и емоции- особено за најмладите ученици кои за првпат ги поминаа праговите на училиштата.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ги посети основните училишта на подрачјето на општината и лично им посака добредојде на првачињата, упатувајќи им искрени желби за успешно образование, нови пријателства и безгрижно детство исполнето со учење. Локалната самоуправа и оваа година обезбеди бесплатни училишни ранци и прибор за сите ученици од прво одделение, како поддршка на родителите, но симболично охрабрување и добредојде за нивното прво запознавање со училиштето и образовниот процес.
– Со обезбедувањето на училишниот прибор ја споделуваме радоста на првиот училиштен ден, ја олеснуваме грижата на родителите и создадаваме чувство на еднакви можности за сите деца. Упатувам искрена благодарност до наставниците и училишниот кадар за нивната посветена работа и континуиран придонес во образованието на нашите деца. На сите ученици и наставници им посакувам среќна и успешна нова учебна година- истакна градоначалникот Сарамандов.
Во општинските основни училишта, новата учебна година ја започнаа вкупно 194 првачиња. За нив беа организирани свечени пречекувања, кратки програми и активности што го направија првиот училиштен ден посебен и незаборавен. Училиштата беа целосно подготвени, а наставниците подготвени да ги пречекаат учениците со нова енергија и посветеност за успешно училишно секојдневие.
Имено, во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, годинава, се запишани 187 нови средношколци, од кои 72 во гимназиското образование и 115 во стручните паралелки. Вкупниот број на ученици изнесува 735, распределени во различни образовни сектори: 283 во гимназиски паралелки, 100 во економија, право и трговија, 148 во угостителство и туризам, 124 во машинство и 80 ученици во секторот здравство и социјална заштита.












































