Со посетата на црквата „Св. Атанасиј Велики“ во Габрово, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, официјално го означија почетокот на Проектот за конзервација и реставрација на овој сакрален објект. Имено, во тек е изработка на техничка документација за конзервација и архитектонска реставрација на црквата, која ја реализираат стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј- Струмица. Имајќи предвид дека, согласно Одлуката на Советот на Општина Гевгелија, а врз основа на доставената иницијатива од страна на Управата за заштита на културното наследство, храмот е прогласен за значајно културно наследство. По комплетирањето, ќе започне и спроведувањето на проектните активности.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при увидот во тековните активности за заштита на црквата „Свети Атанасиј Велики“ во Габрово, за медиумите изјави:
– Црквата „Свети Атанасиј Велики“ во село Габрово, општина Гевгелија, претставува значаен духовен и културен споменик, изграден од неимарот Андон Китанов во 1851 година, а фрескоживописан во втората половина на 19 век од познатиот зограф Димитар Андонов- Папрадишки. Станува збор за исклучително вреден сакрален објект, чиј фрескоживопис и иконопис сведочат за богатата духовна и уметничка традиција на овој крај. Неговата заштита е наша обврска и јасен показател за силната определба за унапредување на состојбите на културното наследство.
Тој истакна дека процесот за реализација на Проектот за конзервација и реставрација на црквата се одвива според утврдена динамика.
– Во тек е изработката на основните проекти, по што ќе следи јавна набавка за архитектурата и почеток на реализацијата во јуни 2026 година. За овие активности се обезбедени 720.000 денари. Овој проект е резултат на заедничка иницијатива со локалната самоуправа и претставува пример како преку партнерство обезбедуваме долгорочна заштита на културното наследство, но и отвораме нови можности за развој на културниот туризам- рече Љутков.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање истакна:
– Оваа иницијатива произлезе од жителите на Габрово, беше прифатена од митрополитот г. Агатангел, поддржана од Министерството за култура и туризам, а со донесена одлука од Советот на Општина Гевгелија истата започна со реализација. Посебна благодарност до Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков за финансиската поддршка за реализацијата. Преку овој проект покажуваме заедничка грижа за зачувување на нашето културно наследство. Со реализацијата на Проектот, покрај зачувувањето на културното наследство, Гевгелија добива уште една значајна локација за туристичка промоција.
Покрај претставниците на локалната и државната власт, на означувањето присуствуваа и жители на Габрово, како и свештенството од Гевгелиското архиерејско намесништво.















































