На самиот ден на празникот, 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјата во централното подрачје на градот, им беше оддадена почит на борците кои ги положиле своите животи во борбата за слободата на Гевгелија.
Пред спомен-обележјата се поклонија и положија цвеќе претставници на општинската администрација, членовите на Советот на Општина Гевгелија, претставници на политичките партии, институциите, Општинската организација на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ од Гевгелија и невладините организации. Со овој чин беше изразена благодарност и признание за историското дело и жртвата на борците од Народноослободителната борба, благодарение на кои Гевгелија ја дочекала слободата.
Одбележувањето на 82-годишнината со овој чин на сеќавање има особено значење како потврда на колективната меморија и историското наследство што ги поврзува генерациите. Полагањето свежо цвеќе претставува израз на трајно почитување на жртвата на борците и потсетување на значењето на слободата, која останува една од темелните вредности на современото општество.


























