ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија доби ново, современо и целосно опремено амбулантно возило, кое официјално беше предадено и ќе биде ставено во функција на здравствената установа. На примопредавањето присуствуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; претседателката на Советот на Општина Гевгелија, Анета Стамкова; директорот на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Јован Коцев и директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, Патрик Матх.
Набавката е реализирана преку Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион и гевгелиската болница. Возилото располага со современа медицинска опрема за згрижување и следење на здравствената состојба на пациентите, со што ќе се овозможи поквалитетна здравствена услуга и поголема функционалност при итните и останатите медицински транспорти.
Градоначалникот Сарамандов истакна дека инвестицијата е уште еден пример за конкретните придобивки од користењето на европските фондови и институционалната соработка.
– Ме радува фактот дека оваа инвестиција ќе придонесе за подобрување на здравствените услуги и ќе овозможи навремена и поквалитетна медицинска помош за нашите сограѓани, како и подобри услови за работа на медицинскиот персонал- посочи Сарамандов.
Притоа, нагласи дека Општина Гевгелија и во иднина ќе продолжи активно да ги користи можностите за финансирање преку европските фондови и програмите за прекугранична соработка со соседните држави.
– Во рамките на досегашната соработка со Република Грција и Република Бугарија, во Гевгелија се реализирани или се во тек повеќе проекти од значење за локалниот развој. Меѓу нив се реконструкцијата на Старото училиште во село Серменин, изградбата на новиот парк во Гевгелија на површина од 20.000 квадратни метри и уредувањето на конференциската сала во Пионерскиот дом- потсети Сарамандов. Поддршка преку овие програми добија и проектите за набавка на електрично возило за лица со попреченост, поставување фотоволтаична централа во ООУ „Крсте Мисирков“ и инсталирање електричен полнач со моќност од 120 kW.
Значајни придобивки се остварени и во областа на здравствената заштита, со обезбедувањето два дефибрилатори за потребите на здравствените установи и јавните локации, како и нов ЕКГ-апарат.
Преку ваквите партнерства и искористувањето на достапните европски финансиски инструменти, Општина Гевгелија продолжува да обезбедува дополнителни ресурси за проекти во различни области, кои придонесуваат за унапредување на јавните услуги, локалната инфраструктура и условите за живот на граѓаните.

















