На 6 ноември 2026 година (петок), со почеток во 19:00 часот, во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, ќе се одржи 17. свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, посветена на одбележувањето на 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Согласно Решението за свикување на седницата, на дневниот ред се предвидени две точки. Седницата ќе започне со обраќање на градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по повод празникот на градот, во рамки на кое ќе биде направен и осврт на реализираните активности и постигнатите резултати во Општина Гевгелија во периодот меѓу двете празнувања, односно од 7 Ноември 2025 до 7 Ноември 2026 година, со посебен акцент на урбаниот развој и реализацијата на проектите од значење за општината. По обраќањето ќе следува доделување благодарници.
Седмоноемвриски благодарници од Општина Гевгелија ќе им бидат доделени на поединци, организации, здруженија и колективи кои во изминатиот период оствариле значајни резултати во повеќе сфери од општествениот, културниот, спортскиот и економскиот развој. И, со своите постигнувања, активности и ангажман, дале значаен придонес во развојот и афирмацијата на општина Гевгелија.
Во продолжение на свечената седница, присутните ќе имаат можност да проследат и соодветна музичка програма, со Концерт на „Апасионато“ на виолинистката Пламенка Трајковска и Камерниот оркестар, со што свеченото одбележување на 7 Ноември ќе биде заокружено со уметничка и музичка содржина.



