Со богата културна и уметничка програма ќе се чествува општинскиот празник 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија. Програмските активности ќе се реализираат од 2 до 8 ноември 2026 година, со настани посветени на културата, музиката, театарската уметност, детското творештво и негувањето на историското наследство на градот.
Програмата опфаќа театарски претстави, концерти на класична и популарна музика, детски активности, изложба, промоција на спот, свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, полагање цвеќе и фолклорна вечер, со што ќе се одбележи значајниот датум од историјата на Гевгелија.
Одбележувањето започнува на 2 ноември, со настанот „Транзиција – традиција“, во 19:00 часот, во Големата сала на Народниот театар, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија- Гевгелија. На 3 ноември, во 19:00 часот, во салата на ООМУ „Васо Карајанов“, ќе се одржи концерт на класична музика на „Трио Аура“.
На 4 ноември, во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде изведена театарската претстава „Синот“, во продукција на Театар „Антон Панов“- Струмица. Програмата продолжува на 5 ноември со концерт на ООМУ „Васо Карајанов“, кој ќе се одржи во концертната сала на Училиштето, во 18:00 часот. Во 19:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“, ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници- Гевгелија, во организација на НУ Музеј- Гевгелија.
Особено богата програма е предвидена за 6 ноември, кога ќе се одржат повеќе настани. Во 12:30 часот, на платото пред Народниот театар, ќе започне детското дефиле, по што, во 13:00 часот, во Народниот театар, ќе следува промоција на спотот „Сите сме еднакви“, во организација на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“. Во 19:00 часот ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, а вечерната програма ќе заврши со концертот „Апасионато“, со настап на Пламенка Трајковска и Камерниот оркестар, со почеток во 19:30 часот, во Народниот театар.
Централниот ден на одбележувањето, 7 Ноември, ќе започне во 12:00 часот со полагање цвеќе на спомен-обележјата во Гевгелија, во чест на борците и настаните поврзани со ослободувањето на градот. Вечерта, со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар, ќе се одржи „Фолклорен ѓердан“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, посветен на традиционалните музички и танцови вредности.
Програмата ќе биде заокружена на 8 ноември, со настан на Здружението на пензионери „Сава Михајлов“, кој ќе се одржи во 19:00 часот во Народниот театар.
Со оваа програма, Општина Гевгелија го одбележува 7 Ноември како значаен датум од локалната историја, истовремено создавајќи простор за презентација на културните и уметничките достигнувања на локалните институции, здруженија и уметници. Настаните се бесплатни и можност за вклучување на различни генерации во одбележувањето на празникот и за поттикнување на интересот за културното творештво и историското наследство на Гевгелија.



