На 6 септември 2025 година (сабота), со почеток во 19:00 часот, Градскиот плоштад во Гевгелија ќе биде местото каде што ќе се одржи големото финале на 15. издание на „Баскерфест Караван“. Оваа позната улична манифестација, која веќе петнаесет години шири радост и креативност низ Македонија, годинава, завршува токму во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Фестивалот ќе донесе уметници од различни жанрови-акробати, жонглери, кловнови, мимичари и улични музичари, кои со своите настапи ќе ја претворат градската сцена во спектакуларен отворен театар под ѕвездено небо. Публиката ќе има можност да доживее уникатна комбинација од изведби, хумор, музика и непосредна интеракција, што е препознатлив белег на „Баскерфест“.
Како завршна станица од овогодишниот карван кој се реализира во 13 општини од Македонија, Гевгелија ќе биде центар на едно вистинско спектакуларно финале, кое ќе ја заокружи летната сезона со енергија, ведрина и уметнички дух.

