Почесни гости во Општина Гевгелија беа годинашните учесници на Детскиот музички фестивал „Калинка 2025 година“. На средбата со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, којашто помина во весела и распеана атмосфера, беа изнесени импресиите од одржувањето на предфестивалските концерти, како и подготовките за трите главни концерти. Од страна на организаторите беше искажана благодарност до градоначалникот Сарамандов за поддршката од локалната самоуправа и што „Калинка“ продолжува да живее на гевгелиската културна сцена.
На својот социјален медиум, градоначалникот Андон Сарамандов ги истакна впечатоците од одржаната средба со учесниците на Фестивалот „Калинка“. Во својата објава, тој ја нагласи важноста на ваквите културни манифестации за развојот на детската креативност, како и поддршката што Општина Гевгелија постојано ја дава на младите и нивниот уметнички израз.
– Еден дел од работниот ден го поминав во убаво и распеано друштво – со младите учесници на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка 2025 година“. Ме радува тоа што поддршката на локалната самоуправа беше голем мотив за возобновување на оваа прекрасна традиција која има оставено огромен белег кај сите гевгеличани. По нејзиното успешно возобновување во 2023 година, „Калинка“- официјалниот гевгелиски празник на детската песна повторно ги обединува најмладите, музиката, танцот и радоста. Годинава, започнувајќи од 2 јуни, во рамки на Програмата за „Гевгелија град на култура 2025 година“, „Калинка“ го бележи своето 23. фестивалско издание со промоција на 18 нови детски композиции- истакна Сарамандов, посакувајќи им на сите учесници и вклучени во организацијата успешни концерти.
















