На 3 јуни 2025 година, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“, во хотел „Аполонија“, беше домаќин на значаен литературен настан- промоција на Меѓународната антологија „Нов духовен мост“, во чии рамки гостуваа членови на Друштвото на новосадски книжевници.
Антологијата „Нов духовен мост“ е уникатна збирка што обединува 49 автори од Србија и од Македонија, претставувајќи мост на пријателство, разбирање и заеднички духовни вредности. За историјатот на Друштвото, културната средина во Нови Сад, значењето на двојазичната антологија и уредувачки концепт зборуваа истакнатиот македонски писател Христо Петрески и поетот и литературен деец, Селимир Радуловиќ.
Настанот беше збогатен со литературни читања- публиката уживаше во извадоци од оригиналното творештво на: Селимир Радуловиќ, Сунчица Радуловиќ, Мирослав Алексиќ и Наташа Бундало Микиќ.
Промоцијата помина во пријатна и инспиративна атмосфера, исполнета со моќта на книжевноста и духовно зближување меѓу два блиски народа. Модератор на промоцијата беше Стефчо Стефанов, а за музичката атмосфера се погрижија Илија Караџов и Ѓорѓи Танчев. Настанот беше организиран како дел од богатата културна програма што годинава ја обележува Гевгелија како град на културата, за што уште еднаш се потврди заложбата на локалната заедница за негување и промоција на книжевноста и меѓународната културна размена и соработка.












