Во уметничката галерија „Амам“- Гевгелија, на 10 јуни 2025 година, беше отворена изложбата „Пикасо можеби јас 2“ на истакнатиот уметник Филип Фидановски, која претставува значаен дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Изложбата со понудувањето на 13 уникатни керамички дела, изработени со енгоба, глазура и 18-каратно злато за керамика и порцелан „го донесе“ Пикасо во Гевгелија- што сведочи за храбриот авторски израз и визуелна игривост на сегменти инспирирани од скиците на големиот уметник.
Посетителите во необичната синтеза на традиционална техника и современа уметничка визија, преточена во дела кои го надминуваат медиумот и стануваат дијалог со историјата на уметноста. За создавањето на делата и препознатливиот ракопис како креативна игра меѓу традицијата и модерното, зборуваше самиот автор Фидановски. Истакна дека процесот на трансформирање на дводимензионалната просторност на формите од сликите на Пикасо во тридимензионален елемент е основен за него. На тој начин води дијалог со Пикасо- неговите скулптури се своевиден личен разговор со шпанскиот гениј. Осврт за Изложбата којашто е дел од патувачкиот карван во три града во Македонија- Гевгелија, Крива Паланка и Велес, даде и авторката на неформалната мрежа на музеи „Музеум линк“, Јасминка Намичева.
– „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо- ќе истакне кураторот Кирил Пенушлиски за керамиките на Фидановски.
Поставката е резултат на соработката помеѓу НУ Музеј- Гевгелија и Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“- Скопје, во рамки на проектот „Музеум линк“. Изложбата се реализира под покровителство и финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Шпанија во Македонија, што и дава и значаен интернационален карактер.

















