По повод 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, го посетија децата од ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, продолжувајќи ја традицијата на празнични средби со најмладите сограѓани. Со песни, насмевки и искрена детска радост, децата му го честитаа празникот на својот град, приредувајќи му на градоначалникот и посебно изненадување. Средбата помина во ведра и пријатна атмосфера, а посебен впечаток оставија подароците што му ги подарија најмалите- торта украсена со грбот на Општина Гевгелија и рамка со рачно изработено македонско знаме.
– Денес, добив подарок кој не ме остави рамнодушен. Празникот за ослободувањето на Гевгелија, традиционално го започнуваме со посета на децата од Детската градинка „Детска радост“. Со своите насмевки и песни, тие први го честитаа празникот на нашиот град и ја споделија својата радост, потсетувајќи нè дека тие се нашата најголема инспирација и мотив да ја градиме Гевгелија како поубаво место за сите нас. Вложувањето во нивното образование и воспитниот процес е најважната инвестиција за иднината на нашата заедница- истакна градоначалникот Сарамандов.
Притоа, упати благодарност до целиот кадар на Детската градинка „Детска радост“ за посветеноста и љубовта со кои секојдневно се грижат за најмладите, придонесувајќи за нивниот правилен раст, развој и воспитување.
Оваа традиционална празнична средба уште еднаш ја истакна важноста на најмладите во животот на локалната заедница и потребата од континуирано вложување во нивното образование, воспитување и иднина.






















