Јулската програма за „Гевгелија град на култура за 2025 година“ започнува со посебен музички настан- Завршен концерт на Секцијата за гитара при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“-Гевгелија, којшто ќе се одржи на 3 јули 2025 година, со почеток во 20:00 часот. Концертот ќе се одржи на отворено, на платото пред Народниот театар- Гевгелија.
Под менторство на посветениот наставник Костадин Динев, младите гитаристи изминатата година вложија голем труд и посветеност во развојот на своите музички вештини. Со богатиот концертен репертоар ќе имаат можност да го истакнат својот талент и љубов кон инструментот преку овој завршен концерт кој ќе ги презентира нивните најдобри изведби, но и да понудат музичко доживување кое ќе задоволи различни вкусови и ќе го привлече вниманието на пошироката публика.
Пионерски дом со работата на оваа секција уште еднаш го потврдува своето значење како образовна и културна институција која вложува во развојот на младите и ја поттикнува нивната креативност и љубов кон музиката, а преку Концертот во рамки на „Гевгелија град на култура за 2025 година“ ќе ги презентира годишната работа и трудот на младите гитаристи што се преточуваат во уметнички израз кој ќе ги допре сите присутни.
