Од граничниот премин „Богородица“ официјално започна летната едукативно-превентивна кампања на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата „Безбедно во лето – Вози одморен“, насочена кон зголемување на безбедноста на патиштата за време на туристичката сезона. Настанот се одржа со активно учество на Општина Гевгелија, претставници од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, Црвениот крст- Гевгелија и сообраќајната полиција.
На промоцијата присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангелов, го означи почетокот на кампањата, чија цел е да се подигне свеста за ризиците што ги носи заморот зад воланот, особено на фреквентниот Коридор 10.
Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, ја истакна важноста на оваа акција за регионот, имајќи го предвид интензивниот транзит низ гевгелиското подрачје. Во рамки на настанот, тој оствари средба со министерот Тошковски, на која разговараа за можностите за проширување на капацитетите на граничниот премин „Богородица“, со цел побрз проток и намалување на метежите во туристичката сезона.
Во рамки на кампањата беа поделени едукативни материјали на возачите со совети за безбедно возење, како: редовни паузи, хидрирање, одморено патување и избегнување ноќно возење и високи дневни температури.
– Нашата цел е да влијаеме на свеста на возачите, да патуваат одговорно, да ги почитуваат правилата и да ја избегнуваат возачката исцрпеност, која често води до трагични последици- порача министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангелов, додаде дека заморот и намалената концентрација се меѓу водечките причини за летните сообраќајни несреќи, кои во просек одземаат 15 животи месечно.



















