На 4 јули 2025 година, во просториите на Уметничката галерија „Аман“, се одржа отворањето на Етнолошката изложба организирана од Здружението на граѓани „Миравчка свадба Ѓура Мара“. Настанот привлече голем број посетители, љубопитни да го откријат богатството на македонската традиционална култура, претставена низ внимателно курирана етнолошка поставка.
Изложбата понуди импресивна збирка автентични предмети кои сведочат за животот, обичаите и духовноста на нашите предци. Преку изложените народни носии, стари алати, рачно ткаени ткаенини, домашни декоративни елементи и други уникатни експонати, посетителите имаа ретка можност да го доживеат духот на едно минато време, да се поврзат со корените и да ја почувствуваат топлината и убавината на македонската традиција.
Секој предмет, уредно изложен и естетски презентиран, носеше своја автентична приказна- за секојдневието на некогашните семејства, за нивната креативност, симболика, ритуали и животна философија. Посебен акцент беше ставен на богатството на боите, орнаментите и техниките кои се користеле при изработка на носиите и ткаенините, преку што се согледува изразот на народната уметност и културната посебност на различните региони од кои потекнуваат експонатите.
Изложбата е плод на долгогодишната посветена работа на Здружението „Миравчка свадба Ѓура Мара“, кое со ентузијазам собира, негува и претставува етнолошки материјали и вредности од различни краеви на Македонија. Нивната мисија не е само да ги зачуваат старите предмети туку и да ја оживеат традицијата и да ја доближат до помладите генерации, потсетувајќи ги на богатото културно наследство што го поседуваме.
Организатор на настанот е Националната установа Музеј- Гевгелија, која во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“ продолжува активно да ја промовира културната разноликост и вредности, преку поддршка на вакви автентични изложби кои го збогатуваат културниот живот во градот и регионот.















