Комбинираната патрола, спроведувајќи превентивни активности за заштита од шумски пожари, денеска беше на терен во Богородица. Составена од претставници на Општина Гевгелија, ОО Црвен крст- Гевгелија и доброволното Противпожарно друштво „Свети Спас“- Гевгелија, патролата разговараше со жителите на Богородица за важноста од навремени и одговорни превентивни мерки за заштита од шумски пожари.
Во рамки на посетата, беа дистрибуирани едукативни флаери, со јасни упатства за правилно однесување во периоди со зголемен ризик од пожари, како и за препознавање и пријавување на потенцијално опасни состојби на терен со цел секој граѓанин да се вклучи во заедничката акција. Посебен акцент беше ставен на потребата од расчистување на сува вегетација околу домовите и во приватните парцели, со цел намалување на можноста за појава и ширење на пожар. Превентивните теренски посети продолжуваат и во наредните денови, како дел од координираните активности за унапредување на безбедноста на населението и заштитата на животната средина на подрачјето на општина Гевгелија. Изминатите денови, ваква акција беше спроведена и во населените места Прдејци и Негорци. Во комбинираните теренски патроли учествуваат претставници на повеќе надлежни институции коишто делуваат во противпожарната заштита.





















