Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, извршија увид во градежните активности во Урбан блок 4.4 во Гевгелија. Со нивната посета, официјално беше означен почетокот на реализацијата на Проектот за изградба на нова водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа. Станува збор за еден од деловите на градот кој интензивно се развива, но досега немаше соодветна комунална инфраструктура. Реализацијата на Проектот ги опфаќа улиците: „Кожуф“, „Ристо Јанев“, „Караорман“, „Леонид Јанков“, „Миле Пецанов“ и „Панче Пешев“.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува над 680.000 евра, а реализацијата се спроведува преку Програмата за подобрување на водната инфраструктура на општините, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Градоначалникот Сарамандов нагласи дека Проектот е резултат на барање на група граѓани и утврдена потреба на терен, по што беше изработена целосна техничка документација и обезбедени сите потребни дозволи за градба. Исто така, најави дека по завршувањето на работите на подземната инфраструктура, ќе следува и целосно асфалтирање на сите опфатени улици, со средства обезбедени од буџетот на Општина Гевгелија.
– Со ова, Урбан блок 4.4 ќе добие комплетно и трајно решение за патна и комунална инфраструктура. Продолжуваме посветено да инвестираме со решенија што носат подобри услови за живот, за модерна и урбана Гевгелија- истакна Сарамандов.
– Со реализацијата на овој и на сите наши проекти, како Влада и Министерство за животна средина и просторно плaнирање, придонесуваме за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните, а истовремено правејќи сериозен исчекор со што заедно ги забрзуваме промените кон одржлив развој на економијата и инфраструктурата и поквалитетен животен стандард, подеднакво за сите наши граѓани. Со реализацијата на Проектот ќе се обезбедат подобри комунални услуги и ќе се подигне квалитетот на живеење на над 2.500 граѓани кои живеат во овој урбан блок во општина Гевгелија и ќе се заштитат животната средина и биодиверзитетот- истакна Лашкоска при извршениот увид за одбележување на стартот на Проектот.


















