На 26 август 2025 година, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, ќе биде поставена самостојна изложба на фотографии на Филип Цветковиќ под наслов „Пчелна уметност- Apis Art“. Отворањето ќе се одржи во Уметничката галерија „Амам“, со почеток во 21:00 часот. Изложбата ги содржи 15 дела изработени на материјал од каширана пена во форма на шестоаголник и едно правоаголно дело, а техниката на изработка е комбинирана- фотографија како средство за прикажување на насликан портрет и сликарство на кожа со соодветни пигменти.
Целата изложба претставува спектар на емоции и ја истакнува неразделната врска помеѓу природата и уметноста. Мотивите инспирирани од пчелите и природата се прикажани на антимиметички начин- не како директно копирање на природата, туку како детал за создавање на уникатна уметничка целина. На кожата на лицето, преку превои, пори и брчки, се создава материја со отворена структура, која го отсликува човечкиот импулс, чувства и интроспекција. Црно-жолтите мотиви симболизираат живот и опстанок, потсетувајќи на процесот на опрашување и значењето на пчелите за природата и човекот.
Изложбата има за цел да го истакне значењето на природата и опстанокот на пчелите преку културата и уметноста, нагласувајќи дека за екологијата и природата не треба да се молчи- тие се дел од нас, а ние сме дел од нивниот систем и ланец.
Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во соработка со НУ Музеј- Гевгелија.



