Понекогаш, најубавите културни откритија доаѓаат сосема неочекувано. Еден настан отвора врата кон ново сознание, едно истражување буди љубопитност, а едно семејно предание станува поттик за ново културно доживување. Така, реализацијата на Проектот од национален интерес „Гевгелија град на културата за 2025 година“, во чии рамки беа реализирани бројни културни настани, меѓу кои и промоцијата на монографијата „Сергеј Михајлов – живот и дело“ од проф. д-р Наташа Диденко, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, стана почетна точка за едно ново истражување. Токму оваа промоција беше повод повторно да се насочи вниманието кон еден значаен момент од минатото на Гевгелија- првата детска опера „Принцезата Ружа“, поставена и премиерно изведена во 1924 година во Гевгелија, под раководство на рускиот уметник Сергеј Михајлов, тогашен професор по музика и математика, како и кон спомените за нејзината изведба.
Потрагата по луѓето и околностите поврзани со ова несекојдневно музичко-сценско дело донесе и особено интересно откритие. Преку раскажувањата на Драга Карајанова Дулевска, која ги зачувала и пренела усните сведоштва на својата баба Драга Ѓорѓевиќ (1911 – 1991), започна поврзувањето на деловите од една одамна пренесувана семејна историја. Со помош на проф. д-р Наташа Диденко, која ги спореди овие сведоштва со зачуваната фотографија од премиерната изведба и документираните записи, конечно беше утврдено дека токму Драга Ѓорѓевиќ била девојчето кое ја толкувало главната улога- принцезата Ружа. На само 12-годишна возраст, таа станала дел од првата детска опера изведена во Гевгелија, а благодарение на семејното предание и посветеното истражување, нејзиното име повторно добива заслужено место во сеќавањата за културното минато на градот.
Од монографијата, преку новите сознанија и потсетувањето на луѓето кои придонеле за развојот на културниот живот, произлезе идејата за Изложбата „Спомени од сцената…“. Она што започна како истражување за животот и делото на една личност, прерасна во поширок приказ на едно значајно уметничко достигнување и на времето кога најмладите застанале на сцената, учествувајќи во несекојдневен музички проект. Изложбата претставува враќање кон тие дамнешни мигови, но и можност фотографиите, документите и личните сведоштва повторно да проговорат за едно драгоцено наследство на Гевгелија.
На изложбата, одржана на 20 ноември 2026 година, во соработка меѓу ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, семејството Карајанови и проф. д-р Наташа Диденко, беа претставени изложбени панели посветени на создавањето и изведбата на првата детска опера „Принцезата Ружа“ во Гевгелија во 1924 година. Преку фотографии, архивски материјали и зачувани сведоштва, посетителите имаа можност да се запознаат со ова значајно уметничко дело, неговите учесници и историските околности во кои настанало, Посебно внимание беше посветено и на понатамошниот животен пат на Драга Ѓорѓевиќ, девојчето кое на само 12-годишна возраст ја толкувало главната улога на принцезата Ружа и оставило свој белег во тогашниот музички живот на градот. Преку обраќањата на идејниот иницијатор, автор и научен истражувач на изложбата, проф. д-р Наташа Диденко; промоторката, историчар проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и Драга Карајанова Дулевска, беа споделени истражувачките сознанија, историскиот контекст и семејните спомени кои помогнаа да се расветлат околностите за создавањето и премиерната изведба на операта, како и имињата на нејзините млади изведувачи.
Оваа изложба не само што придонесува за подобро запознавање со еден значаен дел од минатото на Гевгелија, туку нуди и важни сознанија за развојот на музичко-сценската и детската уметност во Македонија. Документите, фотографиите и личните сведоштва отвораат можности за понатамошни истражувања, нови откритија и расветлување на други, досега недоволно проучени моменти од македонското културно наследство.
Посебна вредност на овој податок му дава и историскиот контекст во кој се случила премиерата. Во 1924 година, Гевгелија била мал град, но очигледно со голем културен потенцијал, отвореност кон уметноста и луѓе кои имале храброст да создаваат и да поместуваат граници. И за стремежот на локалната средина да им овозможи на најмладите учество во сценскиот живот. Фактот што токму тука, пред повеќе од еден век, била поставена детска опера, сведочи за културната живост на тогашната гевгелиска средина и за нејзината поврзаност со пошироките уметнички текови. Тоа е потсетник дека културниот идентитет на Гевгелија се градел низ генерации, благодарение на луѓето кои со својата работа и визија оставиле трајни вредности.
Настанот е поддржан од Општина Гевгелија, во рамки на Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на општина Гевгелија за 2026 година.






































