На 29 август 2025 година (петок), со почеток во 17:30 часот, на платото пред Народниот театар во Гевгелија, ќе се одржи ФИЈУК- Меѓународен книжевно-уметнички саем, како дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“. Организатор е ЗГ „Арт Еквилибриум“, во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“ и со поддршка од Општина Гевгелија.
ФИЈУК е регионална платформа која обединува современи книжевни и уметнички практики и овозможува промоција на книги, читања поезија и проза, изведби и акции во јавен простор. Како меѓународен книжевно-уметнички саем, тој ги поврзува авторите и колективите од регионот и Европа, претворајќи ја Гевгелија во центар на културна размена.
Во рамки на ФИЈУК ќе настапат и ќе ги претстават своите дела автори и колективи како: Арт Еквилибриум (Македонија), Партизанска Штампа (Македонија), Матријаршија (Србија), Stavros Kioutsioukis (Грција), Longest Night (Шведска), Sharla Records (Македонија), Shock Troopers (Македонија), Јелена Белиќ (Македонија), Наташа Гелева (Македонија), Симеон Анѓелкоски (Македонија), Boiling Point (Македонија), Murat Kalkavan (Турција), Искра (Македонија), Лусиана Ампева (Македонија), Мртов коњ (Македонија), Уна Николовска (Македонија), Кула (Македонија), Илика (Македонија), Аџамија (Македонија), Enati Diastasi (Грција), Јован Гаковски (Македонија), Моника Игевска Ризова (Македонија), Александра Поповиќ (Македонија), Александар/Корн (Македонија), Дона Илијевска (Македонија), Марија Ќорнакова (Македонија), Теодора Ставрова (Македонија), Марија Џинова (Македонија), Михаела Ризова (Македонија), Стефан Божиновски (Македонија) и Сара Богоевска (Македонија).
Специјален дел од програмата се промоцијата на проектот „На пример“ под кураторство на Сали Ертунч- публикација со цртежи од повеќе автори на тема „Азган“, како и поетското читање со наслов „Патувам кон себе и кон тебе во стих“- промоција на најновите стихозбирки „Координати на болката“ и „Надвор од единиците мерки“ од Александра Спасеска и Љубица Шопова во издаваштво на „Илика“, колаж акција „Ненаситни“ и диџеј сетот на Мартчин.
Со овие содржини, ФИЈУК ќе ја претстави Гевгелија, која годинава го носи епитетот „град на култура“, како простор за современо творештво, културен дијалог и меѓународна размена.

