Од 12 до 14 септември 2025 година, јужната порта на Македонија- Гевгелија, ја отвори не само границата, туку и својата душа, пречекувајќи илјадници посетители на третото издание на културно-гастрономскиот Фестивал „Вкуси го југот“. Оваа година, тридневниот настанот се одржа во посебен контекст- Гевгелија како град на културата за 2025 година под покровителство на локалната самоуправа. Истиот е круцијален дел од стратегијата на Општина Гевгелија за развој на културниот туризам преку платформата „Spice Up the Tourist“, која има за цел да понуди автентични искуства, да ја промовира локалната култура и да ја збогати туристичката понуда со квалитетна програма, автентична гастрономија, вмрежување на локалните чинители и препознатливо гостопримство. Фестивалот во три дена обедини исклучиво македонски уметници и изведувачи од целата земја- од традиционални ансамбли до најпознатите поп- и рок-изведувачи, кои ги освоија срцата на публиката со својата енергија и талент.
Во петокот (12 септември), програмата ја отворија членовите на КУД „Танец“ од Миравци, со настап кој го врати духот на старите времиња. По нив настапија младата виолинистка Емилија Николовска и Димитар Ангoв, а вечерта продолжи со звуците на „Гевгелиски мелос“ и моќниот настап на „Љубојна“, кои уште еднаш докажаа зошто се еден од највлијателните етно-бендови во регионот. Музичката програма ја заокружија современите звуци на „Ranta Rei“ и енергичниот настап на пејачката Дани, придружувана од својот бенд. Значајно е да се одбележи дека гевгелиската група „Panta Rei” својот концерт го посвети на 25-годишниот јубилеј со изведбите на преработени изворни народни и поп песни во модерни жанрови. Покрај музиката внимание привлече традиционалното правење ајвар, симбол на македонската зима и кујна, а мирисот при пржењето ги собра старо и младо на едно место. Свечениот карактер на Фестивалот го означи присуството и обраќањето на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Прогласувајќи го Фестивалот за отворен, истакна:
– Истакнувам голема благодарност до градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, за поканата и укажаната чест да го прогласам Фестивалот за отворен. „Вкуси го југот“ во 2025 година веќе се етаблира како значајна културна и туристичка атракција во Македонија. За поздрав е тоа што, настанот не само што ја почитува културата и традицијата туку и тоа што ја почитува исклучително македонската сцена. Ваквата организација на настани, вложувањето во културните настани и ценење на културните работници ја оправдува дадената доверба од страна на Министерството за култура и туризам Гевгелија да биде град на културата за 2025 година, зашто навистина е.
Вториот ден (13 септември), фестивалската програма беше отворена од младите тапанари од Пионерскиот дом- Гевгелија, кои со својата енергија го „разбудија“ градот. Детскиот фестивал „Калинка“ внесе боја, насмевки и детска радост во атмосферата. Фолклорниот дел продолжи со настапите на Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија и гостите од Хрватска- КУД „Лисински“ од Винковци, кои донесоа дел од својата културна ризница на сцената во Гевгелија, збогатувајќи го фестивалот со интернационален колорит. Музичката вечер мина во знакот на поп музиката. Со своите настапи се претставија познати имиња како: Оливера Станковска, Филип Ангoв, Антониа Гиговска, Андријана Јаневска и Огнен Здравковски, кои приредија незаборавно музичко доживување.
Гастрономскиот акцент на денот беше „Смоквијадата“, во организација на Здружението „ТеРа“ од Гевгелија. Мирисот додека се крчкаше домашно слатко од смокви, се мешаше со музиката и насмевките.
Завршниот ден од Фестивалот (14 септември) понуди микс од младинска креативност и легендарно музичко финале. Настапите на младите гитаристи од Пионерскиот дом и танцовото студио „Мистик“ внесоа современа енергија на сцената, додека КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци и „Негорци“ од Негорци ја вратија традицијата во прв план.
Вечерната програма беше вистинска еуфорија. Публиката се забавуваше со ритмовите на „Хитс“, Young Dadi и Дарко Гроздановски, додека финалето го обележа спектакуларниот настап на легендарната група „Меморија“, која покажа дека добриот рок нема рок на траење.
Посебен гастрономски момент беше демонстрацијата на традиционалното печење мастика- процес кој ретко се гледа во јавноста, но со голема љубопитност беше следен од бројни посетители.
Во текот на фестивалските денови, учествуваа познати гевгелиски прехранбени производители, локални угостители и ракотворци, кои со својата понуда го збогатија целокупното доживување. Измеѓу настапите на годинашните учесници, легендарниот гевгеличанец Дејан Малзарков со кратки stand up настапи ја смееше публиката, а на Фестивалот присутните имаа можност да направат тест- возења на најновите модели на Great Wall Macedonia.



































































































































































































