Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, утре- 25 септември 2025 година (четврток), со почеток во 13:00 часот, во просториите на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија ќе се одржи Литературно читање по повод успешното завршување на 3. работилница по креативно пишување.
На настанот ќе учествуваат ученици од 7. до 9. одделение од основните училишта, како и гимназиско образование од општина Гевгелија. Преку читање на сопствени текстови, младите автори ќе го претстават она што го твореа за време на работилницата, која беше насочена кон поттикнување на креативните процеси и развој на наративни и јазични вештини.
Работилницата се реализираше под менторство на професорките по македонски јазик и литература, Вања Манчева и Елизабета Инадеска- Ефремова, кои работеа со учениците на интерактивен и поддржувачки начин, охрабрувајќи го нивниот креативен израз.
Настанот ќе го отвори директорот на Библиотеката, Стефан Марковски, со пригодно обраќање, по што ќе следи читањето на литературните творби од страна на учениците.
