Во рамки на културната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 9 октомври 2025 година (четврток), во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, ќе биде отворена Ликовната изложба „Сплотување“ на уметниците Розета Картова (Гевгелија), Ивона Велковска (Скопје) и Катерина Филипоска- Стефановска (Тетово).
Изложбата претставува заеднички проект на три уметнички индивидуи кои доаѓаат од три различни градови и културни средини, но ги обединува нивниот ликовен јазик, отворајќи ја можноста за уметничка рефлексија врз човечката потреба за припадност, заедништво и меѓусебна поврзаност.
– Во свет кој сè повеќе се соочува со поделби- културни, социјални, политички и лични- уметноста останува простор каде спојувањето на различностите не само што е можно, туку и неопходно- велат сликарките.
Изложбата ги собира делата на автори со разнороден уметнички израз, но со заедничка стремеж кон градење мостови меѓу индивидуалното и колективното, личното и општественото, реалното и симболичното. Преку сликарски медиуми, овие дела ги преиспитуваат границите меѓу „јас“ и „ние“, помеѓу автономијата и солидарноста.
„Сплотување“ не се однесува само на физичкото или емоционалното приближување, туку и на чин на градење смисла преку заеднички искуства, мемории и визии. Уметниците не нудат готови одговори, туку отворени прашања: Како изгледа сплотувањето во еден фрагментиран свет? Дали е можно преку уметноста да се преосмисли концептот на заедништво?
Оваа изложба е покана за дијалог- меѓу уметниците, делата и публиката- во духот на сплотување што надминува визуелната форма и преминува во сферата на суштинското човечко поврзување.
