На 8 октомври 2025 година, во Народниот театар во Гевгелија, во два термина- од 11:00 и 13:00 часот- беше реизведена театарската претстава „Витезот Моливко и уште нешто повеќе“, подготвена од Драмската секција за деца при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Настанот се реализираше во рамки на одбележувањето на Детската недела и манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“, со цел поттикнување на детското творештво и љубовта кон сценската уметност.
Овојпат, претставата беше проследена од ученици во нижите одделенија од ООУ „Крсте Мисирков“ и ООУ „Владо Кантарџиев“, Гевгелија, кои со голем интерес и ентузијазам ја следеа изведбата. Со креативна адаптација инспирирана од повеќе детски лектири, младите актери ги оживеаја темите за другарството, храброста и моќта на имагинацијата, пренесувајќи важни пораки за вредностите што ги обединуваат децата.
Реизведбата на оваа претстава во рамки на Детската недела има особено воспитно и општествено значење, бидејќи ја истакнува улогата на театарот како средство преку кое децата учат за своите права, одговорности и вредноста на заедништвото. Оваа година, активностите по повод Детската недела се фокусираат токму на почитувањето и промовирањето на правата на децата, нивното активно учество и правото на изразување преку различни облици на креативност.
Со својата оригиналност, сценска енергија и порака, „Витезот Моливко и уште нешто повеќе“ уште еднаш потврди дека Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“ како институција останува посветена кон негување на детскиот талент и културното изразување во Гевгелија. Настанот ја зајакна свеста дека културата и уметноста се значаен дел од процесот на воспитување и почитување на правата на секое дете.
Претставата е режирана од Катица Џишева Дупарова, по сценариото на Нада Ристова, со музика на Влатко Сапламаев, која комбинира оригинални и преработени композиции што совршено се вклопија со сценската динамика. За кореографиите се погрижи Танцово студио „Мистик“, сценографијата ја изработи Катарина Пренда, а реквизитите- Гордана Николовска Петрова.











