На 9 октомври 2025 година, во медијатеката на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, се одржа промоција на книгата „Волшепства од детски чувства“ од Јадранка Клисарова, во организација на Градската библиотека. Настанот беше дел од активностите за одбележување на Детската недела, како и дел од културната програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и наменет за ученици, кои со внимание и интерес ги слушаа зборовите на авторката и промоторот, препознавајќи делови од сопствениот свет во расказите што ги сочинуваат овие волшебни страници. Промотор на книгата беше македонскиот новинар, публицист, писател и уредник Мишо Китаноски, кој истакна дека ова дело зборува за процесот на среќно растење и созревање на децата- преку добрина, човекољубие и љубов кон семејството, татковината и пријателите, нарекувајќи ја авторката „биограф на учениците во основните училишта“.
Авторката Клисарова, која има гевгелиски корени, посочи дека книгата е блиска до детскиот свет, но води кон едно повисоко ниво на самоспознавање. Таа им помага на децата да ги препознаат, именуваат и разберат своите чувства- да се соочат со нив и да научат дека сите емоции се дел од човечкото искуство. Мотивот за создавање на оваа книга го добила од своите ученици во текот на повеќедецениската работа во воспитно-образовниот процес.
Книгата, во издание на „Тримакс“, содржи 21 расказ, кои преку топли, блиски приказни ги истражуваат седумте најчести детски емоции: радост, љубов, љубомора, љубопитност, страв, гнев и тага. Секоја приказна е прозорец во срцето на детето- каде чувствата живеат, се борат и учат да бидат разбрани. „Волшепства од детски чувства“ ги воведува најмладите во свет полн со волшебства, искреност и животни лекции, помагајќи им да изградат емоционална писменост и да научат како да се грижат за своето внатрешно здравје. Книгата е создадена со љубов и разбирање, водена од желбата да им помогне на децата подобро да се запознаат со себе.
Оваа промоција има посебно значење и во контекст на зачувување и промовирање на домашната детска литература- како еден од највредните облици на културно наследство. Домашните автори, како Клисарова, создаваат книжевност што е блиска до детскиот јазик, опкружување и емоционален свет, и токму преку тоа помагаат децата да го разберат себе си, другите и светот околу нив.
Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, ваквите настани го поттикнуваат читањето и љубовта кон книгата, но и го поддржуваат развојот на детските права- правото на образование, изразување и емоционален раст. Преку литературата се создава простор каде децата учат да бидат емпатични, добри и храбри, а тоа е најубавата лекција што една книга може да ја понуди.










