Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 9 октомври, во фоајето на хотел „Аполонија“ во Гевгелија, беше отворена Ликовната изложба „Сплотување“, која ги обедини делата на трите уметнички- Розета Картова од Гевгелија, Ивона Велковска од Скопје и Катерина Филипоска- Стефановска од Тетово. Настанот привлече бројна публика, љубители на уметноста, колеги уметници и културни работници кои дојдоа да го споделат искуството на оваа уникатна изложба што го слави духот на поврзувањето.
Со воведна реч за изложбата се обрати професорот по македонски јазик и литература, Тони Аврамов, давајќи личен осврт на делата и авторките. Притоа, нагласи дека книжевноста и ликовното изразување се различни, но рамноправни форми на уметност, кои ја следат истата цел- да го доловат човечкото искуство, да ја пренесат емоцијата и да поттикнат на размислување. Тој истакна дека уметноста не познава граници меѓу медиумите и дека токму затоа и книжевникот може да ја цени, разликува и толкува вредноста на визуелното творештво како дел од универзалниот јазик на уметничкото изразување- „Сплотување“ е повеќе од визуелен настан, тоа е приказна за заедништвото, за спојот на формата, бојата, мислата и чувството во една заедничка уметничка целина.
Пред присустните се обратија и сликарките, кои една со друга се надополнуваа во своите излагања. Тие зборуваа за инспирацијата за проектот, за мотивите што ги поврзуваат и за значењето на „Сплотување“ како концепт кој ги надминува индивидуалните пристапи- дека зад сплотеноста се крие љубовтка кон професијата, посветеноста и страста кон уметничкото творештво. Притоа, двете уметнички од Скопје и Тетово ѝ се заблагодарија на Гевгелија за топлото гостопримство, и за посетеноста и поддршката од публиката во голем број. На крајот, сите упатија благодарност и до Општина Гевгелија за поддршката и можноста да го реализираат овој заеднички проект во рамки на „Гевгелија град на културата за 2025 година.
Трите авторки, кои доаѓаат од различни културни средини, преку своите дела успеаја да создадат заеднички визуелен јазик што ја надминува индивидуалноста и говори за универзалната човечка потреба од припадност и споделено постоење. Иако секоја од уметниците настапува со сопствен порив, автентичен стил и различен пристап кон ликовното изразување, нивните дела беа хармонична целина во која разединувањето не се судира, туку се надополнува. Публиката ги перцепираше нивните дела, иако со различна колоритност, композиција и емоционален набој, препознавајќи три гласа што во заеднички дијалог ја раскажуваат приказната за блискоста, за меѓусебното разбирање и за стремежот кон сплотеност.
Изложбата ги претставува личните уметнички погледи на секоја од нив, но истовремено ја гради сликата на едно пошироко „ние“, каде индивидуалното и колективното се преплетуваат. Делата отвораат прашања за тоа што значи да се биде дел од заедница во време кога светот сè повеќе се фрагментира- дали вистинското сплотување е можно и како преку уметничкиот чин може да се пронајде нова форма на заедништво. „Сплотување“ не е само изложба на слики- таа е визуелен разговор за човекот, неговата врска со другите и со светот околу себе. Преку различни техники и мотиви, уметниците создавале дела кои допираат до емоциите, поттикнуваат размислување и нудат поглед кон уметноста како средство за емпатија и поврзување.
Настанот е поддржан од Општина Гевгелија, како дел од нејзината заложба за поттикнување и унапредување на културното творештво и соработка меѓу уметниците од различни средини. Оваа изложба е и порака дека Гевгелија како град на културата не е само домаќин, туку и активен создавач на културен дијалог што ги преминува локалните граници. „Сплотување“ ја потврдува моќта на уметноста да гради мостови на поврзување и да го потсети човекот на она што е најважно- чувството на припадност и заедништво.
















