Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“, на 10 октомври, НУ Музеј- Гевгелија во соработка со СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија организираше Креативно-едукативна работилница под мотото „Гевгелија град на сите“. Настанот се одржа во Уметничката галерија „Амам“ и во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, создавајќи инспиративна средина за младите учесници да истражуваат и креираат, со цел да се запознаат со локалното културно наследство и неговата важност за идентитетот на градот.
Работилницата се состоеше од теоретски и практичен дел, под менторство на м-р Александар Каракабаков, кустос и историчар на уметност и Розета Картова, професор по ликовно образование. Во теоретскиот дел, учесниците имаа можност да се запознаат со значајни примери на движно и недвижно културно наследство во Гевгелија, додека практичниот дел им овозможи да креираат свои дела користејќи различни техники на хартија, инспирирани од локалните историски и уметнички вредности.
Настанот привлече голем број ученици и млади уметници, кои преку својата креативност и учество покажаа интерес за зачувување и промоција на културното наследство. Музејот и галеријата ја искористија оваа прилика да ги потенцираат своите долгогодишни активности во културната едукација: годинава, Националната установа Музеј- Гевгелија одбележува 45 години од своето основање како институција за музејска дејност, како и 10 години од започнувањето на галериската дејност, што дополнително ја нагласува нивната посветеност на културното и уметничкото воспитување на младите.
Оваа работилница, која, исто така, беше дел и од активностите за одбележување на Детската недела, е пример за тоа како музеите и галериите можат да бидат живи простори за учење и креативност, каде младите не само што се запознаваат со културното наследство, туку и активно го истражуваат и создаваат нови уметнички вредности. Преку вакви настани- дел од програмата за „Град на култура за 2025 година“, Гевгелија продолжува да ја потврдува својата позиција како град кој промовира култура, уметност и активно учество на младите во зачувувањето на локалната историја и идентитет.





















