На сцената на Народниот театар во Гевгелија, на 17 октомври (петок) со почеток во 10 часот, ќе биде изведена куклената претстава „Пријателите од шумичката Еколо“, во изведба на учениците- членови на Драмската секција при ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, под менторство на професорките по македонски јазик и литература, Елизабета Инадеска- Ефремова, Зорица Митреска и Вили Караколева.
Претставата е подготвена според текстот „Стапица за дрварот“ од Велко Неделковски и е наменета за најмладата публика- дечињата од ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија. Преку игра, песна и шарени кукли, учениците ќе ја пренесат пораката за значењето на пријателството, љубовта кон природата и грижата за шумите.
Живописната сценографија е изработена од професорката по ликовна уметност, Адриана Манчева, а музиката за претставата е на професорот по музичко образование Крсте Делев.
Оваа креативна изведба е дел од богатата програма на „Гевгелија град на културата за 2025 година“, која има за цел да ги обедини образовните институции, културните установи и младите во создавање нови културни вредности.
