Во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Здружението на слепи лица- Гевгелија го реализираше својот препознатлив проект „Вешта жена 2025“, кој по 6. пат и оваа година ја обедини традицијата, гастрономијата и инклузијата во еден несекојдневен културен настан. Дводневните активностите за одбележување на 15 Октомври- Меѓународниот ден на белото стапче- симболот на лицата со оштетен вид се одвиваа во Угостителската сала при СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Одбележувањето започна на 14 октомври 2025 година, со Обука за традиционална македонска кујна, под менторство на проф. Ана Камчева, која на учесниците им ги пренесе своите знаења за подготовка на домашни јадења, зачувување на старите рецепти и вредноста на заедничкото готвење како културна врска меѓу генерациите. На обуката учествуваа членови на Здружението од Гевгелија, Богданци, Негорци, Моин и Миравци.
На 18 октомври 2025 година, се одржа централниот гастрономски настан, на кој членовите на Здружението на слепи лица Гевгелија ги претставија своите кулинарски вештини пред бројна публика и гости. Свеченото отворање беше означено со поздравни говори на претседателот на Здружението, Елена Проданова и делегатот во Националниот сојуз на слепи, Лазо Трајков, кои ја истакнаа важноста на овој проект за лична афирмација, вклученост и промоција на културните вредности на заедницата.
Настанот прерасна во вистинска гастрономска манифестација, исполнета со вкусови, мириси и радост, каде традиционалната кујна стана средство за дружење, разбирање и меѓусебно почитување. Гости на настанот беа и членови на Здруженијата на слепи и слабовидни лица од: Скопје, Кавадарци, Струмица и Охрид, кои споделија свои гастрономски специјалитети и искуства. Настанот покажа дека гастрономијата не е само умешност на готвењето туку и културен израз и начин за сплотување на луѓето преку традицијата и заедничките вредности.
Секој учесник што приготви специјалитет, доби симболичен подарок- глинено тавче, изработено во работилницата „Грнчарско тркало“ на чичко Стојан од Кичево, што претставува потсетник на занаетчиското наследство и рачната изработка како дел од македонската културна традиција. Настанот заврши во пријателска и весела атмосфера со неколку традиционални македонски ора, кои ја заокружија оваа убава гастрономско-културна приказна.
Со „Вешта жена 2025“, Здружението на слепи лица-Гевгелија уште еднаш покажа дека преку гастрономијата, културата и заедништвото може да се поттикне разбирање, солидарност и почитување на различностите- вредности кои се во сржта на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“.



















