Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 30 октомври 2025 година (четврток), со почеток во 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе се одржи авторски концерт на м-р Филип Динев- „СК404“. Познатиот македонски гитарист и композитор, Филип Динев, ќе ѝ се претстави на својата родна публика во Гевгелија со оригинални композиции создадени во негов препознатлив стил. Настапот ќе биде реализиран во квартет форма, заедно со м-р Кирил Кузманов на саксофон, Мартин Ѓаконовски- Шпато на контрабас и м-р Виктор Филиповски на тапани, највиртуозните и најбарани џез-инструменталисти во Македонија.
Публиката ќе има можност да ужива во современ македонски џез израз исполнет со импровизација, автентична енергија и оригинален авторски пристап, кои го позиционираат квартетот како еден од водечките џез-ансамбли на македонската сцена. Настанот се реализира во организација на и со поддршка од Општина Гевгелија, а во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Филип Динев е македонски гитарист, композитор и продуцент од Гевгелија, со активна и препознатлива интернационална кариера. Неговото творештво претставува софистицирана фузија на класични, балкански и современи џез влијанија, преку која создава автентичен музички израз што го издвојува на европската сцена. Своето музичко образование го започнува на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на катедрата за џез музика, а потоа ги продолжува магистерските студии на престижниот Hochschule für Musik und Theater Hamburg во Германија, во рамки на програмата “Dr. Langner Jazz Master“, каде е примен како еден од само четворица студенти во генерацијата.
Тој е автор и продуцент на два оригинални албуми- “Szvetlo“ (2020), деби издание со трио состав од Македонија, Унгарија и Франција, и “Romann“ (2024), кое го претставува како композитор со зрел и иновативен пристап, што успешно ги спојува елементите на џез, блуз, балканска и класична музика. Со своите проекти настапувал во бројни европски градови, меѓу кои Париз, Будимпешта, Базел, Талин, Берлин, Хамбург, Лајпциг и Дрезден, каде со својата музика ја претставува Македонија и својот роден град Гевгелија на највисоко уметничко ниво. Добитник е на признанието „Најдобар млад џез музичар“ на Jazz Factory Festival во Битола, а критичарите го опишуваат како уметник со „непоколеблива креативност“ и препознатлив современ пристап кон џезот.




