Општина Гевгелија и годинава ќе го одбележи 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија со богата и разновидна програма што ќе се реализира во периодот од 4 до 9 ноември 2025 година. Чествувањето опфаќа поетски, музички, театарски и уметнички содржини во рамки на манифестацијата „Град на култура за 2025 година“, како и традиционални свечени активности што го одразуваат историското и општественото значење на празникот.
Одбележувањето започнува на 4 ноември (вторник), во салата на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, со поетско-музичката вечер „Пееме за Гевгелија“, која ќе се одржи со почеток во 19:00 часот. На 5 ноември (среда), со почеток во 19:00 часот, во Ликовната галерија „Амам“, ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници- ДЛУГ.
На 6 ноември (четврток), ќе се одржат два настана: во 18:00 часот, во салата на ООМУ „Васо Карајанов“, ќе се реализира Kонцерт „Музичка разгледница“ по повод Денот на ослободувањето на Гевгелија, а во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде изведена театарската претстава „Разбуди се Тина“, во режија на Драгана Таневска и изведба на ансамблот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Централните активности ќе се одржат на 7 ноември (петок). Денот ќе започне со свечено полагање цвеќе на спомен-обележјата во Гевгелија во 12:00 часот, како чин на почит кон загинатите борци и хероите од НОБ. Потоа, ќе следува училишно дефиле на платото пред Народниот театар во 12:30 часот и откривање на спомен-обележјето на Илија Џаџев во 13:00 часот. Во вечерните часови, со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, како централно официјално одбележување на празникот, а веднаш потоа, во 19:30 часот, ќе следи концерт на Градскиот мешан хор „Гортинија“ под диригентство на Илија Атанасов.
Одбележувањето ќе заврши на 9 ноември (недела) со традиционалниот концерт „Фолклорен ѓердан“, кој ќе се одржи во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.



 
			 
		    


