Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и одбележувањето на Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, ќе се одржи свечено откривање на спомен-обележјето на Илија Џаџев, истакнат гевгелиски музичар, автор и долгогодишен професор по географија, кој оставил длабока трага во културниот и образовниот живот на градот.
Џаџев со својата љубов кон музиката преку концерти и јавни настапи насекаде по светот ја афирмираше Гевгелија и ја пренесуваше својата посветеност кон младите генерации преку наставата. Автор на спомен-обележјето е скулпторот м-р Перо Кованцалиев, кој преку уметничка форма го овековечува ликот и делото на Џаџев, прикажувајќи го со неговиот препознатлив инструмент- хавајката.
Поставувањето на ова спомен-обележје од страна на Општина Гевгелија претставува симбол на почит кон еден од највлијателните музички и педагошки дејци на Гевгелија, чиј придонес во зачувувањето на локалниот музички идентитет и во образованието останува трајна вредност за идните генерации.
Настанот ќе се одржи на 7 ноември 2025 година, на платото пред Народниот театар во Гевгелија каде е поставено спомен-обележјето, со почеток во 13:00 часот, во присуство на претставници од институции, културниот живот и граѓани.



